Македонија

СДСМ поведува постапка за исклучување на Јован Деспотовски од партијата

СДСМ денеска соопшти дека до надлежните органи на партијата, Централниот одбор, согласно Статутот на СДСМ доставува барање за итно исклучување на Јован Деспотовски од партијата, поради, како што тврдат – дека тој во договор со членови на ВМРО-ЗНАМ се обидуваат да ја дестабилизираат партијата.

„Почитувани членови на СДСМ, симпатизери, граѓани на Македонија, Како верни наследници на антифашистичката борба, СДСМ никогаш не соработувал, ниту ќе соработува со сили што имаат корени во фашизмот.

ВМРО-ДПМНЕ има длабока историска поврзаност со фашистичките режими – за време на Втората светска војна, ВМРО под водство на Иван Ванчо Михајлов соработувал со нацистичките сојузнички сили, вклучително и со Независната држава Хрватска (НДХ), марионетска фашистичка држава.

Денес, ВМРО-ДПМНЕ покажува фашистичко однесување преку воведување резолуција за забрана на слободата на говор, што е во целосна спротивност со нашето антифашистичко и демократско наследство“, се наведува во воведот на партиското соопштение на СДСМ.

Како поента на воведот се истакнува дека “Јован Деспотовски, член на СДСМ, дејствува како петтоколонаш, предавник одвнатре, во договор со членови на ВМРО-ЗНАМ“, кои според партиските согледувања – со заеднички сили се обидуваат да ја дестабилизираат партијата преку медиумска кампања, обидувајќи се да го ослабат СДСМ – токму во моментот на подем на партијата.

„Целата акција е спроведена поради вртоглавиот пад на поддршката од граѓаните за коалицијата ВМРО-ЗНАМ, откако на виделина излегоа тајните планови за ‘мигранти за пари’, изолацијата на Македонија и криминалните активности што ги објави нашиот партиски АКТ.

Акцијата е дури и координирана и финансирана од СНС и Вучиќ, со цел да се заштитат нивните бизнис-зделки со Христијан Мицкоски и неговата избрана банда.

Ова е докажано преку координирани текстови во медиумите, каде што коалицијата ВМРО-ЗНАМ секојдневно ги засилува нападите врз СДСМ и се обидува да ја урива од вантре.

Јован Деспотовски беше противкандидат на актуелниот претседател и загуби на внатрепартиските избори, а сега, од лични и финансиски интереси, ја урива партијата одвнатре, соработувајќи со сили што претставуваат современ еквивалент на фашистичките окупатори“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Како аргумент за квалификациите насочени кон Деспотовски, се наведува соработката со „новинарот Геро“ (Бранко Геровски), само како еден пример.

„Овој ‘новинар’ за себе вели дека е ‘алфа анти-СДСМ’ и со тоа се фали во своите текстови. За партијата, за сегашни и поранешните функционери пишува навреди, дури вели: ‘ќе ги разбуцаат како бугарското собрание’!

Овој случај потсетува на историскиот пример на Видкун Квислинг, норвешки политичар за време на Втората светска војна, кој тајно соработувал со нацистичките окупатори, саботирајќи ја сопствената земја и партија одвнатре за да ја преземе власта како марионетски премиер.

Тоа довело до длабоки поделби и слабеење на норвешкиот отпор. Квислинг бил осуден за предавство и погубен по војната, а неговото име станало синоним за ‘предавник’ поради соработката со непријателските окупатори.

Имавме можност и во не така далечното минато да видиме дека некои членови ја напуштија идеологијата на СДСМ, формираа свое движење ЗНАМ и се приклучија кон предавничката влада на ВМРО, која е подготвена да ја продаде иднината на Македонија во проектот ‘мигранти за пари’ “, обвинуваат од СДСМ.

Понатаму во соопштението се навраќа на изгласувањето на резолуцијата во Собранието, што според СДСМ – ја забранува слободата на говор.

„Со резолуција што потсетува на Хитлеров декрет – тие го покажаа своето вистинско лице. Како што можевте да видите, со денови СДСМ трпи напади токму од таа коалиција ВМРО-ЗНАМ, во обид да се дестабилизира нашата партија.

Јован Деспотовски им се приклучи заради лични амбиции и фрустрации – продаде сè што претставува СДСМ, нè предаде сите нас, членовите на СДСМ. Како што вели народот: ‘ја продаде верата за вечера’.

За неговото однесување додека беше на функција сведочеа многу членови на СДСМ. Сега целосно го покажа своето вистинско лице.

Поради тоа, овој случај го доставуваме до надлежните органи на СДСМ, Централниот одбор, согласно Статутот на СДСМ со барање за итно исклучување на Јован Деспотовски од партијата.

Со тоа ќе се зачува интегритетот на СДСМ, ќе се заштитат нашите демократски вредности и борбата за подобро општество, и ќе се спречи понатамошна штета од петтоколонашите во нашите редови.

СДСМ продолжува по патот на борбата за подобра иднина на Македонија, за единство и напредок. СДСМ продолжува по патот на европските демократски вредности. Борба против изолацијата на Македонија, борба против криминалот и корупцијата, борба за европскиот пат! Оваа борба започна и нема да запре!“, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека е време е да го одвојат житото од плевелот (каколот) и да продолжат со таа борба.

„Нема место меѓу нас за квислинзи. Никој нема да нè запре!“, се поентира во соопштението.

Најнови вести од: Македонија

Ристовски: За две години реализирани и започнати 60 спортски проекти вредни над 21 милион евра – спортот повторно е национален приоритет

Министерот за спорт Борко Ристовски денеска на прес-конференција во Владата даде отчет за сработеното во изминатите две години од формирањето на Министерството за спорт, презентирајќи ги реализираните активности, капиталните инвестиции во спортската инфраструктура и проектите што ќе се реализираат во наредниот период. Toj истакна дека Министерството за спорт за само две години реализира и започна 60 спортски проекти, со вкупна вредност од повеќе од 21 милион евра, за разлика од претходната власт која за четири години реализираше само 33 спортски проекти и нагласи дека Владата повторно го поставува спортот меѓу националните приоритети.

Пуштена е во употреба новата детска градинка „Пролет“

Секогаш кога пуштаме еден ваков објект во функција, јас сум посебно задоволен и среќен, бидејќи на овој начин ќе го подобриме квалитетот на живот на многумина, се разбира најмногу на најмладите, на дечињата. Впрочем, намената на ваквите објекти е токму за нив, да почнат да другаруваат уште од најрани години, да стекнуваат знаења, пријателства, да се формираат како личности, изјави денеска премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски при пуштањето во употреба на новата детска градинка „Пролет“ во Трубарево.

Муцунски: Патот кон ЕУ мора да се темели на заслуги, не на билатерални прашања!

Македонија е подготвена да продолжи по европскиот пат, но очекуваме јасни гаранции дека процесот ќе се одвива без нови блокади и со поголема предвидливост, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со литванскиот колега, Кестутис Будрис, кој престојува во официјална посета на земјата. На прашањето како го коментира тоа што министерот Будрис изјави дека сега е моментот за проширување и треба да се искористи, Муцунски оцени дека постои широка поддршка од земјите-членки за напредокот на Македонија, но дека се неопходни јасни уверувања за непречено одвивање на евроинтегративниот процес.

Будрис: Македонија е на вистинскиот пат

Ја имате нашата целосна поддршка и помош во овој процес. Споделуваме иста стратешка визија и веруваме во силна, обединета и безбедна Европа – истакна министерот за надворешни работи на Литванија на денешната средба со шефот на македонската дипломатија Муцунски

To top