Македонија

Се очекува да бидат распишани локалните избори за градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје, што ќе се одржат на 19 октомври 2025

ДИК со месеци наназад се подготвува за спроведување на овие осми локални избори во Република Македонија

Претседателот на Собранието на Република Македонија Африм Гаши се очекува денес да ги распише локалните избори, што треба да се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември. Ќе се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Овие локални избори ќе бидат најголеми и најмасовни со оглед на бројот на учесници, на изборната администрација, како и на работените во Државната изборна комисија (ДИК). Иселеништвото нема да може да гласа. Ако некој од македонските државјани сака да го искористи своето право, тоа ќе може да го направи само ако допатува во Македонија.

ДИК со месеци наназад се подготвува за спроведување на овие осми локални избори во земјата. Веднаш по распишувањето на изборите ДИК ќе одржи јавна седница, на која согласно со изборниот законик ќе биде објавен календарот со сите рокови за избирачките дејства, како и сите права и обврски за избирачките органи, учесниците на изборите и медиумите.

До крајот на месецот ДИК ќе го заврши случајниот избор на членовите на избирачките одбори од редот на администрацијата согласно со податоците од Министерството за јавна администрација. За 3.500 избирачки места треба да бидат избрани 21.000 лица од администрацијата, кои ќе бидат во избирачките одбори, што во текот на септември ќе поминат обука за спроведување на изборите и ќе им бидат поделени прирачници. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Вреди, како партии односно коалиција со најголем број гласови на минатите избори, во септември, согласно со роковникот, треба да именуваат 14.000 членови за избирачките одбори. Составот на избирачките одбори се менува, бидејќи на нивните членови им е истечен мандатот.

Општинските изборни комисии (ОИК), пак, чиј мандат трае уште една година, согласно Изборниот законик, имаат важна улога на локалните избори, бидејќи тие ги примаат кандидатските листи и ги потврдуваат, а потоа и одлучуваат по евентуални жалби, како и за приговорите за лично избирачко право.

Еден од поважните рокови и изборни дејствија е увидот во Избирачкиот список (ИС), кој започнува 15 дена по распишувањето на изборите и трае дваесет дена. Ова е период во кој избирачите со право на глас, односно оние со наполнети 18 години, ќе можат да ги проверат своите податоци во ИС и доколку имаат забелешки и барања за корекции да ги допстават до ДИК електронски или до подрачните канцеларии на Комисијата. Избирачите можат и сега да го сторат тоа, но ажурираниот Избирачки список за локалните избори до ДИК ќе биде доставен набрзо по распишувањето на изборите односно следната недела.

Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025 изнесува 9,8 милиони евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање. Дополнително на овие пари е и сумата за надоместоците на членовите на избирачките одбори и транспортот и дистрибуцијата на членовите на ИО и избирачкиот материјал од ОИК до избирачките места каде што ќе се гласа, бидејќи тие ги обезбедуваат локалните самоуправи. Политичките партии и коалициите, како и други граѓани најавија учество на изборите. Дел од кандидатите веќе ѝ се познати на јавноста. 




Најнови вести од: Македонија

Напорите на Теодосиј Гологанов како Митрополит Скопски од 19.1.1885 да ја возобнови Охридската архиепископија како Мајка-Црква на Македонците

 На денешен ден, на 19 јануари 1885 година еден од најголемите борци за возобновувањето на укинатата древна Охридска архиепископија Теодосиј Гологанов бил поставен од бугарскиот црковен егзарх како Митрополит Скопски. Со тоа Гологанов конечно добил можност во невозможни услови да работи на својата цел – возобновувањето на Охридската Архиепископија, некаконски укината со ираде – указ на турскиот султан на 16 јануари 1767 година, издејствуван од грчките владици од Цариградската патријаршија.

Мицкоски: Водици носи силна порака за верата… да се оди по вистинскиот пат

Во овие моменти луѓето се собираат, се поддржуваат и ја споделуваат радоста, покажувајќи дека заедницата е најсилна кога е обединета околу вредности што нè надминуваат сите нас поединечно

To top