Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими министерот за надворешни и европски работи на Словачката Република, Јурај Бланар, кој престојува во официјална посета на земјава. На средбата беа потврдени пријателските македонско-словачки односи. Сиљановска-Давкова ја акцентираше важноста на континуираната словачка поддршка на македонскиот пат кон Европската Унија, нагласувајќи дека пристапниот процес треба да биде кредибилен, предвидлив и заснован врз заслуги и исполнување на Копенхашките критериуми.
За неа, постепената интеграција и пристапот до единствениот европски пазар, европските фондови и заедничките програми, води кон приближување кон ЕУ, но не може да биде замена за полноправното членство. Таа изрази подготвеност за сестран дијалог со Република Бугарија, во духот на европските принципи и вредности, гарантирани во основачките документи.
Министерот Бланар ја реафирмираше словачката заинтересираност и посветеност на евроинтеграцијата на земјите од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и нашата. Тој силно го поддржа македонско-бугарскиот дијалог, како единствен начин за надминување на проблемите. Како многупати досега, министерот нагласи дека Словачка е против било какви двојни стандарди во третирањето на земјите-кандидати за ЕУ.
Соговорниците ги истакнаа блиските јазични и културни врски меѓу двете земји, втемелени во делото на сесловенските браќа Кирил и Методиј. Претседателката изрази длабока благодарност за објавувањето на првиот учебник за изучување на македонскиот јазик за словачките говорители и отворањето на првиот лекторат по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Нитра.