По повод празникот, предвидено е положување цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на заслужните граѓани на гробот на генералот Михајло Апостолски на гробиштата во Бутел, како и пред споменикот на Ослободителите на Скопје пред зградата на Владата.
Од Град Скопје информираат дека вечерва во Македонската опера и балет ќе се одржи свеченото доделување на наградата „13 Ноември“.
На овој ден пред 82 години, на 13 ноември 1944 година борците од 42-та и 50-та дивизија на Народноослободителната македонска војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.
По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.
Во борбите за ослободување на Скопје загинале 420 македонски борци, а вкупно за време на Втората светска војна, животите ги положиле над 4.600 скопјани.
Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција.
Во борбите против фашистичките окупатори, според проценките на историчарите, во Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка.