Македонија

Студентските домови добиваат нови правила – Возрасна граница до 30 години и строги казни за прекршителите

Од една до пет години забрана за живеење во студентски дом ќе добијат студентите кои од октомври ќе бидат фатени како консумираат алкохол во соба или како го уништуваат инвентарот во собата.

Студентите во Македонија наскоро ќе се соочат со нови правила за сместување во студентските домови. Со измените на Законот за студентски стандард, кои Министерството за образование и наука планира да ги донесе во текот на јули, а да почнат да се применуваат од октомври, се воведува максимална возрасна граница од 30 години за престој во студентски дом, како и построги санкции за нарушување на куќниот ред. Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека измените се резултат на злоупотреби на системот, при што биле откриени лица кои и по неколку децении останувале сместени во студентски домови.

  • „Детектиравме студенти кои со години законски наоѓале начин да останат во домовите, препишувајќи години на факултетите и користејќи сместување по цена од околу 3.400 денари месечно, со покриени трошоци. Имаме случаи и на лица на околу 40-годишна возраст кои сè уште живеат во студентски дом“, рече Јаневска.

Со законските измени се воведува и нов дисциплински систем. Студентите кои ќе бидат фатени како консумираат алкохол во собите, уништуваат инвентар или се однесуваат насилно, навредливо или заканувачки, ќе може да добијат забрана за сместување во студентски дом од една до пет години. Покрај тоа, како прекршоци се наведуваат и дискриминација, физичко или психичко малтретирање, непочитување на вработените, нарушување на куќниот ред.

Претседателката на Универзитетското студентско собрание, Ангела Василевска, смета дека новите правила ќе придонесат за побезбедни студентски домови и повисок студентски стандард. Според неа, санкциите треба да бидат пропорционални на прекршокот и нивната цел не треба да биде само казнување, туку и превенција и развивање чувство на одговорност кај студентите.

Од студентската организација „Студентарија“ ја поддржуваат потребата од ред, но бараат одговорност и од управите на студентските домови.

  • „Одговорноста треба да биде двонасочна. Ако студентите се санкционираат за прекршувања, тогаш и институциите треба да одговараат кога не ги почитуваат правата и достоинството на студентите“, изјави Гоше Николов.

За прекршоци од помал обем, законските измени предвидуваат поблаги дисциплински мерки, како усна опомена, писмена опомена, јавна опомена и привремено исклучување од студентскиот дом. Конечната санкција ќе ја определува надлежна дисциплинска комисија, врз основа на тежината на прекршокот и околностите во конкретниот случај.

Најнови вести од: Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Абази го затвори предметот за модуларните болници и го спаси Филипче

Особено загрижува фактот што предметот со години фаќал прашина, прво во фиоката на Вилма Рускоска, потоа во таа на Елизабета Јосифовска, двете обвинителки од поранешното криминално СЈО, за на крај, токму ОЈО ГОКК предводено од слугата на СДС и ДУИ, Абази да донесе одлука дека нема основ за кривично гонење

Македонските дипломати во Скопје ги прецизираат идните задачи на дипломатската мрежа

Заштита на македонските национални интереси, потенцијалот на дипломатско-конзуларни претставништва во делот на економската дипломатија и заштита на граѓаните што живеат надвор од границите на нашата држава

Сиљановска-Давкова: Новата мултиполарна реалност со проактивна дипломатија, водени од јасен национален, натпартиски надворешнополитички компас

Во време на големи геополитички пресврти нам ни е потребна дипломатија која е истовремено принципиелна и прагматична, втемелена во вредности, но отворена кон новите реалности, порача шефицата на државата

To top