Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Дубаи ја прими меѓународната награда „Excellence in Road Safety“ за проектот „Безбеден град“, на свечената церемонија World Police Summit Awards 2026, во рамки на Светскиот полициски самит.
Станува збор за значајно меѓународно признание за реформите што Министерството за внатрешни работи ги спроведува во областа на безбедноста на сообраќајот. Проектот „Безбеден град“ претставува системски пристап кон унапредување на сообраќајната безбедност, кој ги обединува современите технологии, законските измени, автоматската детекција на прекршоци и дигитализацијата на постапките, со крајна цел намалување на сообраќајните несреќи и заштита на човечките животи.
Во рамки на Светскиот полициски самит, министерот Тошковски ја имаше честа да се обрати и на воведните обраќања (Welcoming Speeches), пред меѓународни полициски претставници и учесници на самитот.
Тошковски ја истакна важноста на соработката меѓу државите во справувањето со современите безбедносни закани.
Како пример за успешна меѓународна соработка ја посочи заедничката истрага на македонската полиција и американското ФБИ против нелегалната онлајн платформа OLVX, поврзана со трговија со украдени лични податоци и алатки за сајберкриминал.
Според Тошковски, активностите на македонските институции придонеле за заштита на дигиталната безбедност и на граѓани во САД.
„Големината на една држава не ја ограничува важноста на нејзиниот придонес. Една навремена информација, една успешна истрага или една спречена закана можат да заштитат човечки животи далеку над нејзините граници“, порача министерот.
Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека добиеното признание е поттик за продолжување на реформите, модернизацијата и примената на современи технологии во полициското работење.