Македонија

Уште една жртва на инфлуенца А во Инфективна, расте бројот на хоспитализирани

69 годишен пациент втора жртва годинава од грип

Пациент од внатрешноста на земјата, на возраст од 69 години, починал во раните утрински часови на одделението за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести во Скопје, откако кај него лабораториски била потврдена инфлуенца А.

Директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, информира дека пациентот бил донесен во исклучително тешка здравствена состојба, со веќе развиена масивна бронхопневмонија и акутен респираторен дистрес синдром. Симптомите, како што посочи, се развиле пет дена пред хоспитализацијата, а поради сериозноста на состојбата бил поставен на механичка вентилација.

Пациентот имал повеќе коморбидитети и не бил вакциниран против сезонски грип, иако припаѓал на ризична група.

Во моментов, на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани околу 30 пациенти заболени од грип, од кои еден се наоѓа во потешка клиничка состојба. Претходно, на истата клиника почина и 75-годишна жена кај која исто така била потврдена инфлуенца А. И таа имала повеќе хронични заболувања и не била вакцинирана.

Од Клиниката информираат дека меѓу хоспитализираните доминираат повозрасни лица со компликации, најчесто со сериозно респираторно засегање. Во моментов таму се лекуваат околу 25 до 30 пациенти со потешка клиничка слика.

Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје регистрира нагорен тренд на заболени од грип и заболувања слични на грип. Во првата недела од 2026 година, во периодот од 29 декември 2025 до 4 јануари 2026, биле пријавени 1.725 случаи, што е за 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела. Највисока инциденца е забележана кај децата на возраст од 5 до 14 години.

Здравствените власти апелираат граѓаните, особено лицата од ризичните групи, навреме да се јават кај матичен лекар при појава на симптоми, да избегнуваат близок контакт со заболени лица и да ја разгледаат вакцинацијата како ефикасна превентивна мерка, особено кај хронично болните и повозрасните лица.

Најнови вести од: Македонија

На денешен ден: Роден е македонскиот поет Григор Прличев, наречен втор Хомер, откако во Атина е овенчан со наградата Ловоров венец

Едниот охриѓанец, другиот стружанец, а на двајцата заедничка им е Македонија и борбата со перо, како и денот 18 јануари, кој за Григор Ставрев Прличев е роденден, а за Константин Миладинов збогување од овој свет. И двајцата истакнати македонски поети, родени во иста година, во македонските градови Охрид и Струга. Прличев, автор на поемата Сердарот, […]

Најнови вести

To top