Македонецот Димитар Тодоров кој живее во САД јавно го обвини познатиот македонски хирург Зоран Спировски кој шочина пред неколку дена дека бил корумиран.
Тодоров вели дека веќе не може да молчи и ја раскажува приказната за неговата мајка за која семејството дало речиси 25 илјади евра мито за да биде оперирана од хирургот Спировски.
,,Деновиве целата јавност се простува од проф. д-р Зоран Спировски. Читам пораки од луѓе кои велат дека живеат благодарение на него, од колеги, од министерот за здравство. Ја почитувам нивната болка и нивната благодарност. Секоја смрт е загуба за некое семејство и искрено сочувствувам со неговото. За мртвите велиме само убаво. Ние простуваме. Но некои работи не смееме да ги заборавиме, затоа што заборавот е она што овозможува истото да им се случи и на други”, отрива Тодоров.
Македонецот од Америка вели дека ова е приказната на неговото семејство во контекст на покојниот хирург.
,,Мојата мајка се бореше со рак. Во тие години, кога секој ден е важен, кога секоја недела може да значи разлика меѓу живот и смрт, ние како семејство се држевме за единствената надеж што ја имавме: операцијата. На секои 6 до 8 месеци, во вторник, одевме на закажан термин. И секој пат бевме враќани назад. Операцијата се одложуваше, се презакажуваше, повторно и повторно. Додека не се платат 3.500 евра.
Тогаш, одеднаш, терминот се наоѓаше.
Мајка ми имаше 7 операции, а сите ги водеше тој. Пресметајте сами: 7 операции по 3.500 евра се 24.500 евра. Тоа е цена на услуга што во јавна здравствена установа требаше да биде бесплатна. Тоа е услуга за која ние, како и секој граѓанин, сме плаќале со придонеси цел живот”, открива Тодоров кој сега живее во Америка.
,,Како син, работев и работам за да го покријам тоа што моето семејство не можеше да го покрие. Испраќав пари за да може мајка ми да дојде на ред. Немам зборови за чувството кога знаеш дека животот на твојата мајка чека на плик.
Мајка ми почина. Да бидам јасен: ниедна сума пари немаше да ја спаси. Не го обвинувам за болеста. Го обвинувам за тоа што од нашата болка направи наплата. Секој лекар дава заклетва дека ќе помогне и ќе даде најдобро од себе за секој пациент, без разлика дали тој пациент има пари во џебот или нема. Таа заклетва не важи само кога ќе се донесе плик.
Знам дека многумина ќе речат: „Но тој спаси многу животи.“ Можеби е така. Не го оспорувам неговото знаење ниту рацете што оперирале. Но човек не се мери само по тоа колку знае, туку и по тоа како постапувал со луѓето кога биле најранливи. Нашето семејство и секое семејство што било ставено пред избор „плати или чекај“ заслужува да се спомене, исто толку колку и благодарните пораки”, пишува Тодоров кој тврди дека напишаното не е од омраза.
,,Го пишувам затоа што ова не е приказна само за еден лекар. Ова е приказна за систем кој го дозволува тоа. Во Македонија, барањето мито како услов за лекување е кривично дело. Сепак, Лекарската комора, според достапните податоци, досега не одзела ниту една лиценца поради поткуп. Луѓето не пријавуваат, затоа што се плашат дека нивниот близок ќе биде следниот што ќе го вратат дома. Тоа молчење е токму она од кое живее овој систем.
Затоа барам, и ве молам сите што ова го читате да барате со мене:
– Транспарентни и јавни листи на чекање за операции, каде секој пациент може да види каде е на ред и зошто.
– Независен и безбеден механизам за пријавување, каде пациентите и нивните семејства можат да пријават барање пари без страв за лекувањето.
– Лекарската комора да презема одговорност и да реагира, а не само да чека судска пресуда.
– Вистински казни и вистинска контрола, а не условни казни и тивко пензионирање.
– Достојни плати и услови за лекарите во јавното здравство, за да нема ни изговор.
На неговото семејство им посакувам мир. На јавноста ѝ посакувам храброст да се праша зошто некој е издигнат како херој, а толку семејства молчат со своите приказни. На сите вас што сте поминале низ истото: не сте сами. Раскажете.
Мамо, ова е за тебе. И за сите што нема да мора да поминат низ она низ што помина ти”, заклучува Тодоров со пораката: Простуваме. Но не забораваме.