Македонија

(Видео): Официјално пуштен реконструираниот аеродром „Свети апостол Павле“ во Охрид

По реконструкцијата што почна во март годинава, свечено е пуштен обновениот аеродром „Свети апостол Павле“ во Охрид. Ова е прва реконструкција на аеродромот по 56 години. Аеродромот има рекордни над 240 илјади патници од почетокот на годината досега, а очекувањата се дека вкупно оваа година ќе има околу 4 милиони патници.

Со инвестиција од 2,7 милиони евра, охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ доби целосно модернизиран патнички терминал, со проширени простори, нова опрема и со подобрени услови за патниците. Реконструкцијата се реализираше без прекин на работата на аеродромот, во период кога воздушниот сообраќај бележи значителен раст и нови рекорди. Реконструирани се патничкиот терминал и помошните простории, зголемен е бројот на шалтери, проширен е чек-ин просторот, а подобрени се и зоните за безбедносна контрола и рачен багаж. Реорганизиран е и паркингот, а поставена е современа опрема и технологија за побезбедно и поефикасно опслужување на патниците. Премиерот Христијан Мицкоски, на пуштањето во употреба на модернизираниот дел од аеродромот, оцени дека реконструкцијата претставува значаен чекор напред во квалитетот на услугите и развојот на воздушниот сообраќај.

  • Со ова, Охридскиот аеродром добива поинаква динамика, поинакво светло и поинаков квалитет и убеден сум дека во периодот што следува, бројот на патници, но и бројот на компании што ги користат услугите на Охридскиот аеродром ќе се зголемува – рече Мицкоски.

Тој посочи дека годинава аеродромот бележи рекордни резултати. Во еден ден биле регистрирани повеќе од 3.000 патници, што е најголем број во историјата на аеродромот, а во одредени денови имало и повеќе од 20 полетувања.

Мицкоски изрази очекување дополнително да расте овој број.

  • Убеден сум дека во периодот што претстои, со сите градежни активности и со поддршката што ја даваме како Влада, овие бројки ќе се дуплираат, ќе се триплираат и ќе дојдеме до бројки што претставуваат наш нов „таргет“ – изјави премиерот.

Според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, со реконструкцијата практично се отвора нов аеродром, по повеќе децении без поголеми интервенции.

  • По напорна работа, успеваме да отвориме практично нов аеродром, односно терминална зграда заедно со помошни простории, кои многу значат, многу подобро искуство за патниците споредено со претходно – рече Николоски.

Тој потсети дека последните големи интервенции на аеродромот биле направени околу 1970 година. Во меѓувреме, бројот на патници значително се зголемил, па модернизацијата, според него, доаѓа во период кога е инфраструктурата под сè поголем притисок.

  • „Во истиот месец беа поставени уште два значајни рекорди. На 26 јули беше регистриран најфреквентниот ден во историјата на охридскиот аеродром, со опслужени 2.988 патници, додека на 20 јули беа реализирани рекордни 22 летoви во текот на еден ден. Позитивниот тренд се потврдува и преку кумулативните резултати. Во периодот од јануари до јули преку охридскиот аеродром патувале вкупно 175.182 патници, што е за 24,24% повеќе во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период биле реализирани 1.350 летови, што претставува раст на авионскиот сообраќај од 28.69%“, рекоа од ТАВ Македонија.

Рекордниот раст е резултат на зголемениот број дестинации кои се врзани со Охридскиот аеродром. Охрид летово е поврзан со 14 дестинации во Европа. Во летната сезона се вратија минатогодишните редовни линии за Истанбул и Белград на „Туркиш ерлајнс“ и „Ер Србија“, а од ова лето и австриската „Аустриан ерлајнс“ ја промовираше линијата за Виена. Нискобуџетната унгарска компанија „Визер“ во летните месеци ги воведе редовните летови за Катовице и Вроцлав во Полска. Покрај туристичките чартери од Лондон, Манчестер и Амстердам, зголемен е и бројот на чартер летови за Цирих и Базел.

Само од јануари до јуни годинава, Охридскиот аеродром опслужил повеќе од 240.000 патници. Николоски очекува двата македонски аеродроми годинава заедно да се приближат до четири милиони патници.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

To top