Македонија

Во Брисел заседание на Советот за општи работи, расправа и за Заклучоците за проширувањето на ЕУ

Подготовките за претстојниот Самит на ЕУ, заклучоците на Советот за проширувањето, повеќегодишната финансиска рамка на блокот, годишниот извештај на Европската комисија за поедноставувањето и програмата за работа за 2026 година, ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел.

Со состанокот на Советот за општи работи ќе претседава данската министерка за европски прашања Мари Бјере, чија земја е сегашен претседавач со Советот на ЕУ. На состанокот ќе присуствуваат и извршниот потпретседател на Европската комисија и еврокомесар за кохезија и реформи, Рафаеле Фито, еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и европскиот комесар за буџет Пјотр Серафин.

Состанокот на министрите за европски прашања на земјите членки ќе започне со расправа за Предлог-заклучоците за Самитот на ЕУ, предвиден за 18 и 19 декември, на кои главни теми ќе бидат состојбите во Украина и на Блискиот Исток, европска одбрана и безбедност, следниот мултифункционален буџет, проширувањето и реформите на ЕУ, миграцијата, геоекономијата и конкурентноста. Под посебна точка министрите ќе разменат мислења за проширување на ЕУ и ќе го разгледаат постигнатиот напредок на кандидатите за членство. Предвидено е и министрите да ги одобрат заклучоците на Советот за проширувањето, кои се вообликувани со цел да ги утврдат политичките приоритети и да ја проценат ситуацијата во секоја од кандидатите за членство, како и да постават насоки за понатамошни реформи.

Министрите ќе одржат и политичка расправа за Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, која има за цел да овозможи усогласување на трошоците со политичките приоритети на Унијата, зголемување на предвидливоста на финансиите на блокот, обезбедување буџетска дисциплина и олеснување на усвојувањето на годишните буџети на Унијата.

Расправата ќе се насочи и на т.н. „прва преговарачка кутија“, документ подготвен од Данското претседателство, кој има за цел да ги идентификува елементите за политичко разгледување во рамката и да ја олесни дискусијата по нив на декемврискиот Самит на ЕУ. „Преговарачката кутија“ треба да претставува и основа за идните преговори за буџетот меѓу земјите членки на техничко ниво. Предвидено е министрите да усвојат и заедничка декларација за законодавните приоритети на ЕУ за 2026 година, како и да одржат размена на мислења по извештајот на Европската комисија за административно поедноставување.

Сегашното Данското и следното Кипарско претседателство со Советот на ЕУ ќе го претстават планот за работа на Советот и неговите тела за 2026 година. Планот обезбедува рамка за координација на политиките на ЕУ и им овозможува на земјите членки да ги усогласуваат своите планови и да го следат напредокот во нивното остварување. За време на работниот ручек на Советот предвидено е министрите да разговараат за придонесот на кохезивната политика кон стратегиските приоритети на ЕУ.

Најнови вести од: Македонија

Директорка и нејзина колешка со пари од Државна лотарија си купувале чанти „Диор“, „Хермес“, „Луј Витон“

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против две службени лица вработени во Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија поради постоење на сомнение за сторени кривични дела “Проневера во службата” од член 354 од КЗ на РСМ и“Фалсификување или уништување деловни книги” од член 280 од КЗ на РСМ.

(Видео): Околу 25 милиони евра годишно се давале на починати луѓе, обелодени премиерот

Над 4.500 лажни корисници на социјална помош. Мицкоски рече дека на годишно ниво од државниот буџет биле издвојувани повеќе од една милијарда, а можеби и до 1,5 милијарди денари за исплати на вакви корисници или околу 25 милиони евра.

Помалку одење по шалтери, електронски процедури и олеснувања за пациентите – усвоени нови правила за боледувања

Со измените се воведуваат повеќе конкретни олеснувања за осигурениците и матичните лекари, со цел да се намалат непотребните административни постапки и движењето на пациентите низ здравствениот систем.

To top