Според бугарскиот европратеник Кристијан Вигенин, Бугарија немало што повеќе да попушта (?) кон „браќата“ отаде југозападната граница.
„Нема простор за нови отстапки од Бугарија во однос на Северна Македонија, зошто веќе направивме доволно. Нема меѓународен притисок што може да ја промени националната позиција поддржана буквално од целиот парламент, од сите политички формации и која ја споделуваат 99 проценти од бугарските граѓани“, изјави тој за тамошната БТВ.
Поранешниот министер за надворешни работи очекува американски притисок попрво врз Македонија за да си ги исполни обврските, зошто тоа, според него, е единствениот начин за забрзување на нејзиниот пат кон Европската унија.
„Во Северна Македонија се создаде атмосфера во која секој што го поддржува европскиот пат на земјата и исполнувањето на преземените обврски се прогласува за предавник. Тие обврски не се кон Бугарија, туку кон ЕУ“, додаде бившиот потпретседател на Народното собрание на Бугарија, кој си зеде право да го прогласи за предавник – македонскиот премиер?!
„Предавството е всушност на премиерот Мицкоски – ако го исполнеше договореното, Северна Македонија ќе беше на прагот на членството, а сега четири години преговорите не почнуваат“, објасни Вигенин, кој не толку одамна се прослави со предлогот за распишување референдум во Бугарија за членството на Македонија во ЕУ.