Македонија

Зголемена посетеноста на спомен-куќите на Кочо Рацин, Васил Главинов и Јордан Хаџи Константинов- Џинот во Велес

Три спомен куќи

– Во текот на 2025 година посетеноста на трите спомен-куќи е околу 4 500 посетители, што е повеќе за илјада посетители споредено со 2024 кога биле околу 3 500. Најголема посетеност, како и во изминатите години има за посета на Спомен-куќата на поетот и револуционер Коста Солев Рацин. Изминатата година се повеќе се зголемувал и интересот и за останатите две спомен-куќи, на Васил Главинов и Јордан Хаџи Константинов Џинот, сите сместени во високиот стар дел од Велес.

Како што информираат за МИА од Народен музеј Велес, во овие бројки не се вклучени посетите на припадниците на АРМ од велешкиот гарнизон и нивните делегации, со кои Музејот има склучено меморандум за соработка, што дополнително подразбира уште најмалку стотина посетители.

Значаен придонес кон зголемената посетеност имала и соработката со основните и средните училишта од Велес и од други градови во земјава, при што спомен-куќите се редовно вклучени во нивните образовни екскурзии, како и за време на одржување на Рациновите средби и Детските Рацинови средби и други манифестации и програми, како и при посетата на странски делегации на Општина Велес.

Народниот музеј во Спомен-куќите организира едукативни, како и грнчарски работилници поврзани со културното наследство, наменети за различни возрасни групи, како дел од својата едукативна мисија.

Од Народниот музеј најавуваат дека оваа практика ќе продолжи и наредниот период, се со цел дополнително приближување на културното наследство до јавноста.

Спомен-куќите можат да се посетат со претходна најава од еден или два дена во Народниот музеј на броевите: 075 298 957 и 043 231 434 или на е пошта:muzejveles@yahoo.com, при што посетата се организира со кустос кој ја води разгледувачката тура.

На новинарското прашање за одржување, реновирање и санација на спомен-куќите, директорот на Народен музеј Велес Ангел Коруновски појасни дека спомен-куќите се споменици на културата и затоа одговорот на ова прашање е покомплексен.

-Народниот музеј Велес редовно и навремено спроведува минорни интервенции, санации и заштитни мерки, додека покомплексните активности се реализираат во соработка со Националниот конзерваторски центар и Управата за заштита на културното наследство, а се со цел да се зачуваат историските и културните вредности на објектите, појасни Коруновски.

Најнови вести од: Македонија

Весникот „Илинден“, гласникот на Македонците во Албанија – петнаесет години ѕвезда Деница за македонскиот збор

„Петнаесет години истрајност и посветеност – весникот „Илинден“ е жив хроничар на македонската заедница во Албанија, чувар на јазикот и културата и мост што ги поврзува генерациите и дијаспората низ светот. На 1 март 2011 година Македонското друштво ‘Илинден’ – Тирана го издаде првиот број на својот весник ‘Илинден’. Тој прв број, објавен како двоен (март/април), беше симболичен почеток на една медиумска приказна, која денес, петнаесет години подоцна, има 71 издание. Во текот на овие години, весникот не само што обезбеди континуитет и посветеност туку и изгради мостови меѓу заедниците – од Македонците во Албанија, преку читателите во татковината Македонија, па сè до дијаспората низ светот. Секое издание претставува сведоштво за една борба за видливост, за зачувување на јазикот и културата и за афирмација на македонскиот идентитет во услови на постојани предизвици.“ – пишува во статијата, која ја објави денес дневниот весник „Нова Македонија“.

Потпишан договор за изградба на паркинзи во Клиничкиот комплекс – Во првата фаза до втората половина на 2027 најмалку 500 паркинг-места

Министерството за здравство (МЗ) и Град Скопје го потпишаа Договорот за изградба на паркинзи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред се, наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а вториот кај црквата во Клинички. Како што најавија министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски пред потпишувањето на Договорот, ако има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг. Ако се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни лица, ќе се овозможи и тоа.

Се возобновува Средното полициско училиште, ќе се запишат 200 ученици! – На 1.7.2026 јавен повик за прием на ученици

Околу двесте ученици ќе се примаат во првата, односно 25 класа на новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија, за кое јавниот повик за учебната 2026/2027 година се очекува околу 1 јули. Со него ќе се возобнови средното полициско образование по пауза од 26 години, односно од завршувањето на последната генерација (1996-2000) пред укинувањето на тогашниот Центар за образование на кадри од областа на безбедноста (ЦОКОБ) „Елисие Поповски-Марко“.

Протест на ОМД кон Бугарија: Ако е закана Менкиноски, кој ги брани правата на Македонците пред ЕСЧК, тогаш сите сме закана!

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) со седиште во Вашингтон, САД, изразува сериозна загриженост и протест поради одлуката на бугарските власти со која на адвокатот Тони Менкиноски му се изрекува 10-годишна забрана за влез во Бугарија.

Амбициозна најава на Трајановски: По нов асфалт од Извор преку Пресека до Врбјани – пред Велигден!

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, КоцеТрајановски најави дека планира да се вози по нов асфалт пред велигденските празници од селото Извор преку превојот Пресека.

To top