Македонија

Зошто е реобјавено писанието на Зејнели со екстремните навреди дека „не постои македонски народ“ и „славомакедонските ултрационалисти создаваат вештачка нација“?!

Писание од екстремни негаторски позиции, што го оспорува и постоењето на Македонија како држава: „Македонските националисти треба да знаат дека Македонија претставува однос на албанско-македонските сили. Не постои Македонија надвор од овој однос!“.

„Славомакедонските ултранационалисти создаваат вештачка нација, бидејќи не постои македонска нација во Балканот! Федерализацијата на Македонија и статусот на Албанците како државотворен народ конечно би ги згаснале соништата на ВМРО за унитарна, моноетничка и централистичка Македонија. Федерална Македонија ќе значи значи двонационална – албанско-македонска Македонија.“ – овие екстремно провокативни тврдења со елементи на жестока негација на самото постоење на македонскиот народ и неговиот македонски идентитет и јазик се наведени во писанието со наслов „Quo vadis, Macedonia?!“, односно „Кај одиш, Македонија“ на „политичкиот аналитичар“ од Тетово, кое е објавено во весникот на албански јазик „Лајм“. На крајот на текстот стои „април 2012 година“, што значи дека е ова негова реобјава, но голема дилема е: од која причина е објавено повторно ова писание, означено како „колумна“, со екстремни етнички навреди кон сиот македонски народ?

Од подолгиот текст ги издвојуваме само најкарактеристичните пасуси, за кои би требало некој да даде соодветни појаснувања во јавноста, но и не само пред неа, а во прв ред самиот автор, кој покрај другото има наведено:  „Македонија е оспорена од противмакедонската оска Белград-Атина-Софија. Србија ја оспорува Македонската православна црква. Грција го оспорува името на државата, а со тоа и името на јазикот и националноста. Бугарија ги оспорува славомакедонскиот јазик, националност и историјата, велејќи дека Славомакедонците се Бугари, оти јазикот што го зборуваат е бугарски, додека нивната историја не е ништо друго освен бугарска историја. Оспорени од соседите, кои ги опкружуваат, само по себе се подразбира дека Славомакедонците имаат криза на идентитетот.“

Се води политика чија цел е да се создаде македонска нација. За да ја надминат кризата на идентитетот, некои славомакедонски академици го поврзуваат потеклото на своите сонародници со Македонците од антиката. Според овие псевдоакадемици, ако денешните Македонци не се поврзани со оние од антиката, тогаш нема македонска нација на Балканот. Заради заедничка перспектива, славомакедонските ултранационалисти ќе мора: да се откажат од создавањето вештачка нација; да ја преиспитаат националноромантичната политика од типот на 19 век; да се откажат од противалбанската политика; да ја прифатат албанската реалност и да ги признаат Албанците како државотворен народ.“;

„Целосната рамноправност би им овозможила на Албанците да добијат статус на државотворен народ. Федерализацијата на Македонија и статусот на Албанците како државотворен народ конечно би ги згаснале соништата на ВМРО за унитарна, моноетничка и централистичка Македонија. Федерална Македонија ќе значи значи двонационална – албанско-македонска Македонија.“

„Суштината на македонскиот национализам е: Македонија е национална држава на Македонците, сите други се малцинства. Според оваа идеологија, Албанците од  Македонија ги имаат Албанија и Косово и дека тука тие се ништо друго освен малцинство. Но, македонските националисти треба да знаат дека Македонија претставува однос албанско-македонските сили. Не постои Македонија надвор од овој однос. Надвор од овој однос постои само нестабилна Македонија со непрестајни меѓуетнички тензии.“ – изнесува пишувачот на овој текст Џелал Зејнели.

Од сите пасуси е видно дека писанието се однесувало на други општествено-политички околности во Македонија и во друг, изминат општествено-политички период, но повторно дилемата: со каква цел воопшто е реобјавена оваа наводна „колумна“, набиена со екстремно омаловажување на македонскиот народ и со целосно негирање на самото негово постоење?  

 

 

Најнови вести од: Македонија

Онлајн купувачи се жалат на проблеми при пазарењето, најчесто за бавна испорака

Бавната испорака е најчестиот проблем на е-купувачите. Повеќе од една третина (35,4%) од онлајн купувачите во ЕУ пријавиле проблеми при купување преку веб-страница или апликација, покажува истражувањето на Евростат од 2025 година за користење на информатичко-комуникациски технологии. Во Македонија, проблем при е-шопинг имале 29,41 отсто од купувачите.

Над 400 милиони денари само лани вложени во инфраструктура во Битола

Во тек се 10-ина нови проекти (реконструкција на улици и патишта, изградба на нови, комунална инфраструктура, спортски игралишта). Коњановски најави дека со почнувањето на градежната сезона ќе има многу работа во оваа календарска година, во која благодарение и на соработката со Владата веќе се склучени договори.

Димитриевски: „Да“ за Европа, но европски пат со заштита за македонскиот идентитет и без отстапки кон Бугарија!

Лидерот на ЗНАМ предлага парламент со 90 пратеници како дел од пошироки изборни реформи. Истовремено бара заштита на македонскиот идентитет и европски пат без отстапки кон Бугарија.

To top