Американскиот Стејт Департмент вчера го започна првиот круг стратешки дијалог со Србија, додека дијалогот со Косово останува суспендиран сè додека Приштина не ги исполни обврските кон косовските Срби, соопштија официјални претставници на САД.
Оваа информација ја пренесе порталот KoSSev, а ја коментира и американскиот пастор Марк Бернс, духовен советник на претседателот Доналд Трамп и основач на Spirit Diplomats.
„По мојата посета на Србија, Косово и Република Српска со Неговата Светост Патријархот Порфириј, Стејт Департментот отвори дипломатски разговори со Србија, држејќи Косово одговорно за малтретирањето на христијаните, вклучително и на српските православни христијани“, напиша пастор Бернс на X.
Тој посебно ја истакна важноста од заштита на верските слободи и на српското православно културно и духовно наследство. Бернс ја посети Патријаршијата во Пеќ и Манастирот Високи Дечани заедно со српскиот патријарх и повика српскиот патријарх да има слободен пристап до манастирите без политички пречки и без потреба од 72-часовно известување.
„Ова не е изјава против албанскиот народ, муслиманската заедница или народот на Косово. Ова е повик за правичност, достоинство, меѓусебно почитување и верска слобода за сите“, нагласи Бернс.
Според Стејт Департментот, стратешкиот дијалог со Косово е суспендиран од септември 2025 година поради еднострани потези на тамошните власти кои го зголемиле тензиите. Вашингтон јасно стави до знаење дека дијалогот ќе продолжи само кога Косово ќе ги исполни обврските кон Србите, особено формирањето на Заедницата на српски општини согласно договорот од Охрид.
Пастор Бернс изрази благодарност до претседателот Трамп и државниот секретар Марко Рубио за фокусот на заштита на христијаните и верските слободи ширум светот.
Ситуацијата околу верските објекти и правата на Србите на Косово останува една од најчувствителните теми во дијалогот меѓу Белград и Приштина, при што западните земји повеќе пати повикуваа на почитување на верските слободи и избегнување на еднострани потези.