Регион

БиХ ќе ги сведе односите со Србија на минимум поради постапките по смртта на Младиќ

Шефот на дипломатијата Конаковиќ најави повлекување на целиот персонал од амбасадата во Белград, освен амбасадорот и конзулот

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, најави дека ќе ги повлече сите вработени од амбасадата во Белград, со исклучок на амбасадорот и конзулот, како одговор на постапките на Србија по смртта на Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), осуден за воени злосторства.

Целта е да се сведат односите меѓу двете земји на најниско можно ниво, објасни тој на прес-конференција, додавајќи дека нема овластување да ги отповика амбасадорот и конзулот, бидејќи нивното назначување е во надлежност на Претседателството на БиХ. Сепак, целиот друг дипломатски персонал ќе биде повлечен, а нивните работи ќе ги преземат вработени од амбасадите во Црна Гора и во Хрватска.

„Да можев, веднаш би ги прекинал дипломатските односи со Србија уште денес. Она што можам да го направам е да работам на намалување на односите на најмал можен степен. Ќе ја отфрлам и прекинам сета комуникација со нив. Ќе ги повлечеме сите луѓе што можеме и ќе ги префрлиме конзуларните работи во Загреб и во Подгорица“, рече министерот.

Конаковиќ го наведе погребот на воениот злосторник и реакцијата на српските власти, пред сè на претседателот Александар Вучиќ и неговите соработници, како причина за вонредната конференција. Тој го опиша денешниот ден како „депресивен и тежок“.

„Она што го гледаме денес во Србија не беше очекувано кога беше потпишан Дејтонскиот договор – дека повторно ќе бидеме сведоци на величење на воените злосторници“, нагласи Конаковиќ. Според него, Младиќ бил испратен со највисоки воени и државни почести, бил испратен авион на српската влада да го подигне неговото тело во Хаг, а бил пречекан од воена гарда.

„Видовме дека голем број српски функционери се појавија на комеморацијата и на погребот. Вучиќ не беше таму затоа што се однесуваше кукавички, веројатно затоа што се плашеше од лични санкции“, рече министерот.

Тој додаде дека кулминацијата на величењето на лице осудено за воени злосторства се случила синоќа на натпреварот Црвена звезда – Партизан во Белград со пораката „Правец Поточари“ и оцени дека ова е „последен сигнал“.

Министерот најави и дипломатски чекори поради однесувањето на Србија.

„Денеска подготвивме неколку нацрти и испраќаме писма со јасни пораки. Прво, јавно ја прашувам Европската Унија – дали навистина ги почитувате вашите принципи? Дали го штитите она на што нè обврзавте? Ова е првенствено прашање на безбедносна политика“, рече тој.

Тој најави и бројни телефонски повици и можни посети, бидејќи верува дека ова е клучно прашање за БиХ. Тој нагласи дека ЕУ мора да покаже дали ќе толерира однесување кое не би било прифатливо во самата Унија, а писмото до членовите на Организацијата на исламската конференција (ОИК), вели тој, ќе има специфичен тон.

 

Најнови вести од: Регион

Атина и Софија потпишаа Меморандум за враќање на 48 реликвии во Грција и пренесување на останките на цар Самоил во Бугарија

Меморандум за разбирање со кој во Грција се враќаат 48 реликвии од два грчки манастири и од една црква што над 100 години биле изложени во Националниот историски музеј во Софија, а Грција ќе ѝ ги предаде на Бугарија останките на цар Самоил, потпишале денеска министрите за култура на двете земји, Лина Мендони и Евтим Милошев, јави дописничката на МИА од Атина.

Стерјовски на Самитот за мир во Тирана: Нашите идентитети не треба да бидат ѕидови што нè делат, туку мостови што нè поврзуваат“

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, учествуваше на Меѓународниот самит за мир, што се одржа во Тирана, посветен на темата „За верскиот соживот во Албанија“. Тој истакна дека верскиот соживот претставува една од значајните вредности на албанското општество, која треба да се зачува и да им се пренесе на идните генерации.

Кога стартува ЕТИАС и што значи тоа за македонските граѓани?!

Македонските граѓани кои планираат патувања во земјите од Европската Унија наскоро ќе соочат со уште една нова административна процедура пред да тргнат на пат. По пристапувањето кон Влезно-излезниот систем на ЕУ (EES), вниманието на јавноста и патниците од регионот се насочува кон ЕТИАС (ETIAS) – електронскиот систем за овластување за патување, наменет за сите државјани […]

To top