Регион

Избори во Босна и Херцеговина – гласаат над 3,4 милиони граѓани

Во Босна и Херцеговина, гласањето е организирано на вкупно 5.569 избирачки места во земјата, од кои 5.121 се редовни избирачки места, а 385 се мобилни тимови.

Во Босна и Херцеговина се одржуваат избори, на кои 3.408.517 регистрирани гласачи избираат нови носители на власта на државно, ентитетско и кантонално ниво. Избирачките места низ земјата се отвораат утринава во 7:00 часот и ќе останат отворени до 19:00 часот. Граѓаните можат да го остварат своето право на глас со важечка лична карта, возачка дозвола или пасош на Босна и Херцеговина. Изборниот материјал и избирачките места се под строг надзор на полициските служби, кои спроведуваат физичко, оперативно и сообраќајно обезбедување на терен.

Изборниот молк е на сила во текот на целиот ден и трае до затворањето на избирачките места во 19:00 часот. Во овој период, на политичките субјекти строго им е забрането учество во јавни политички активности, како и какво било медиумско известување поврзано со изборната кампања.

Денес граѓаните избираат членови на Претседателството на БиХ, пратеници за Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ и Претставничкиот дом на Парламентот на ФБиХ, претседател и потпретседатели на Република Српска, пратеници во Народното собрание на РС, како и претставници во кантоналните собранија во Федерацијата БиХ. Вкупно 7.028 потврдени кандидати се натпреваруваат за вкупно 518 мандати.

Гласањето е организирано на вкупно 5.569 избирачки места во земјата, од кои 5.121 се редовни избирачки места, а 385 се мобилни тимови.

За гласање надвор од Босна и Херцеговина се регистрирани 48.078 гласачи, од кои повеќето гласаат по пошта, додека дел од граѓаните ќе гласаат во 20 дипломатско-конзуларни претставништва на БиХ во 13 земји.

Најнови вести од: Регион

Мицкоски: Регионалната соработка и создавањето нови можности – важни чекори кон забрзана евроинтеграција

„Регионалната соработка, размената на идеи и создавањето нови можности се важни чекори кон стабилен, просперитетен регион и забрзана европска интеграција.“ – објави премиерот Мицкоски во објава на својот Фејсбук профил, откако присуствуваше на работниот ручек, посветен на улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан, во рамки на Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора.

To top