Регион

Србија пред нова ера: Студентската победа станува институционална реалност

Со 140 освоени мандати, движењето може самостојно да ја формира власта, но имињата на министрите сè уште се чуваат во тајност.

Студентската листа „Студенти победуваат“, која освои апсолутно мнозинство на парламентарните избори, денеска го започнува институционалниот процес за формирање нова влада. Во Белград е закажана конститутивната седница на парламентот, на која треба да бидат потврдени пратеничките мандати и да биде избрано собраниското раководство. И покрај тоа што имаат доволно пратеници самостојно да формираат влада, од Студентската листа сè уште не ги соопштуваат имињата на идниот премиер и министрите, објави британски „Гардијан“.

Седницата е закажана за денеска, 17 ноември, во 10 часот. Според конечните резултати на Републичката изборна комисија, Студентската листа освои 140 од вкупно 250 пратенички места, додека листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ доби 103 мандати. Преостанатите седум места им припаднаа на претставниците на националните малцинства.

За избор на нова влада потребни се најмалку 126 гласови, што значи дека Студентската листа може самостојно да го избере кабинетот без поддршка од други пратенички групи, доколку сите нејзини пратеници го поддржат предлогот.

Разговорите за идните министерски позиции траат веќе неколку недели. Претставници на Студентската листа за српскиот весник „Данас“ потврдиле дека кадровските решенија се усогласуваат со поширокото студентско движење и дека тие не планираат да го искористат целиот законски рок за формирање на владата.

Професорот Оливер Тошковиќ, кандидат на Студентската листа, во изјава за „Данас“ посочил дека конечните одлуки сè уште не се донесени.

„Процесот е во тек, имаме општи принципи, усвојуваме процедури, имињата сè уште не се познати бидејќи сè е во тек“, изјавил Тошковиќ.

Според професорот Александар Бауцал, за секоја министерска позиција постојат повеќе кандидати, а покрај министрите се подготвуваат и пошироки стручни тимови задолжени за успешна реализација на владината програма.

Новоизбраната пратеничка Сара Ел Сараг, адвокатка за човекови права, за „Гардијан“ изјавила дека студентското движење и понатаму непосредно учествува во подготовките за преземање на власта.

„Таму сме благодарение на нив. Постојано го правиме тоа заедно“, изјавила Ел Сараг.

Таа објаснила дека идните пратеници речиси секојдневно одржуваат состаноци и вежби за парламентарната работа, бидејќи многумина од нив досега немале политичко искуство. Меѓу избраните кандидати има универзитетски професори, адвокати, лекари и научници.

Според Радио-телевизија Србија (РТС), со конституирањето на Собранието започнува рокот од 90 дена за избор на нова влада. Ако парламентот биде конституиран денеска, рокот ќе истече во средината на февруари 2027 година. Доколку во предвидениот рок не биде избрана влада, Уставот предвидува распуштање на парламентот и распишување нови избори.

За понатамошната постапка клучен е и изборот на нов претседател на Собранието. По оставката на Александар Вучиќ од функцијата претседател на Србија во септември, собранискиот претседател привремено ја извршува и функцијата шеф на државата. Во тоа својство, по консултации со претставниците на изборните листи, тој треба да предложи кандидат за мандатар за премиер.

До изборот на новиот кабинет, досегашната влада предводена од Ѓуро Мацут ќе продолжи да ги извршува должностите во технички мандат.

Студентската листа оствари историска победа на предвремените парламентарни избори одржани на 25 октомври, по две години упорни студентски и граѓански протести. Со овој нов состав на парламентот, Српската напредна странка по 14 години владеење официјално преминува во опозиција.

Најнови вести од: Регион

Негираат дека имало притисок врз „бегалката“

Ива Михајлова обвини новинар дека работи по наредба на бугарската Државна агенција за национална безбедност и дека по нивни инструкции добивала прашања и ѝ било кажувано што да зборува во јавност. Шефицата на бугарската дипломатија тврди дека немала такви информации

Најава за големи демонстрации во Албанија за 28 и 29 ноември 2026! Вчера палени контејнери, Рама маван со јајца, кршена вратата на Парламентот!

Студентското движење и незадоволните граѓани продолжуваат со редовни протести пред Министерството за образование и пред Владата во Тирана, барајќи оставка од премиерот Еди Рама и промени во власта. Вчера за време на протестот во Тирана, дојде до инциденти со палење контејнери, по што полицијата уапси три лица, поведе постапки против уште 18 и изрече 44 парични казни. Организаторите го најавуваат следниот голем бран на демонстрации за празничниот викенд на 28 и 29 ноември, кога се очекува пристигнување на албанската дијаспора во Тирана за масовен марш.

To top