Александар Вучиќ изјави дека нема да го одработи целиот пратенички мандат во Народното собрание на Србија.
Тој оцени дека новата власт, предводена од „Студентската листа“, не е подготвена да го прифати неговото присуство во парламентот и дека неговите политички противници би можеле да посегнат по екстремни чекори за да го тргнат од политичката сцена.
За време на собраниската седница, Вучиќ рече:
– Или ќе се обидат да ме убијат, или да ме уапсат, или пак да донесат закон за лустрација, што Иванка Поповиќ веќе го најавува. Кога не можете да се справите со политички противник, дури и кога е во опозиција, и кога не можете да го победите со знаење и аргументи, тогаш посегнувате по такви мерки – изјави Вучиќ.
Тој потенцираше дека нема намера да го заврши мандатот до крај, бидејќи смета оти е време поголема одговорност да преземат помладите генерации политичари. Сепак, нагласи дека нема да се повлече од политиката, туку ќе продолжи да дејствува на терен, да патува низ земјата и да разговара со граѓаните.
– Сметам дека во иднина треба да се потпрете на други луѓе и да им го препуштите местото.
Јас ќе помагам колку што можам на терен, ќе ја обиколувам Србија, ќе разговарам со луѓето и ќе се обидам, во согласност со законот и демократските начела, да ги поразам оние за кои сметам дека го претставуваат најголемото зло за Србија во нејзината модерна историја – порача Вучиќ.
Говорејќи за изборниот пораз на Српската напредна странка, Вучиќ рече дека конечно разбрал од кого ја изгубиле поддршката.
Истовремено ја критикуваше новата парламентарна мнозинска структура, истакнувајќи дека дури и со помош на пратениците од националните малцинства едвај успеале да обезбедат 126 присутни пратеници во 10 часот.
– Доволно беше само да ги слушнете нив, не нас, туку нив. Исто како што беше доволно тоа што денес, дури и со поддршка од пратениците на малцинствата, едвај стигнаа до 126 пратеници во 10 часот. Толку за сериозноста и одговорноста – изјави Вучиќ