
Лина Ѓорческа славеше уверлива победа во второто коло и се пласира во четвртфиналето на тенискиот турнир во Куршумлиска Бања, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 60.000 американски долари.
Втората носителка од Македонија, неделава 207. на ВТА-листа во поединечна конкуренција, ја декласира Анастасија Золотарева (434.) од Русија со 6-0, 6-3 во мечот што траеше само 74 минути.
Следна пречка за најдобрата македонска тенисерка на турнирот во Србија ќе биде осмата носителка Лили Тагер (275.) од Австрија, освојувачка на јуниорскиот Ролан Гарос годинава, од која 31-годишната тетовка загуби по голема борба во три сета во финалето на турнирот во Букурешт во неделата.