Лина Ѓорческа имаше успешен старт на тенискиот челенџер во турското летувалиште Анталија, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 125.000 американски долари.
Најдобрата македонска тенисерка, оваа седмица на 257. место на ВТА-листата во поединечна конкуренција, во првото коло беше убедлива против седмата носителка Миа Ристиќ (195.) од Србија, совладувајќи ја со 6-1, 6-3 за 86 минути игра.
Иако направи шест сервис-грешки наспроти само едната на противничката, 32-годишната тетовка профитира токму со поените освоени на прв сервис (86:53 отсто) или 32/37, а искористи и четири од деветте брејк-топки, спасувајќи го својот сервис во сите четири шанси за Србинката.
Првата Македонка што се квалификува и настапи на главниот турнир во Вимблдон за ривалка во осминафиналето в среда претпладне ќе ја има Аурора Ѕантедески (296.) од Италија, против која го доби во два сета единствениот меѓусебен дуел минатата година во Куршумлиска Бања.