Спорт

И помладиот брат на Рустемовски со бронзен медал од ЕП во бокс

Арабел се искачи на победничкиот пиедестал на еврошампионатот до 17 години во Црна Гора

Арабел Рустемовски продолжи по стапките на својот постар брат Ален Рустемовски, освојувајќи бронзен медал на Европското првенство до 17 години во Будва, Црна Гора, откако во полуфиналето во категроијата до 60 килограми загуби со 4-1 од Англичанецот Чарли Кит.

Рустемовски ја доби првата рунда со 3-2, во втората Кит тргна поагресивно и со една акција стекна мала предонст, а во последната Арабел тргна поактивно користејќи ја десницата, но противникот искористи можност да зададе два удари повеќе, кои беа пресудни кај судиите.

На патот до медалот македонскиот кадет ги декласира Јараслау Слијапец од Белорусија со 5-0 и Чезаре Спацијани од Италија со 4-1.

Новиот медал во битолското боксерско семејство Рустемовски, во кое со благородната вештина се занимава и третиот брат Ружди, се надоврза на неодамнешните бронзи на Ален од сениорското ЕП во Софија и од Медитеранските игри во Таранто.

Најнови вести од: Спорт

To top