Спорт

Конференциска лига: Шкендија падна во финишот во Шкотска

Со гол примен во последната минута, македонскиот претставник загуби со 2:1 во првиот дуел во Единбург

Фудбалерите на Шкендија испуштија реми на гостувањето во Единбург, кадешто со гол примен во последната минута загубија со 2:1 од Хибернијан во првиот дуел со шкотскиот претставник во третото квалификациско коло за Конференциската лига на УЕФА.

Ирскиот дефанзивец Ворен О’Хора во 91. минута ја искористи немуштата реакција на гостинската одбрана и од непосредна близина ја турна топката во мрежата, „поништувајќи“ ја радоста на златната резерва на тетовци Марко Ѓорѓиевски од 76. минута.

Слично како против словенечки Браво во претходната рунда, тој погоди само три минути откога влезе во игра, израмнувајќи во тој момент на 1:1, откако домаќинот поведе преку Ирецот Оувен Елдинг три минути претходно.

Возвратниот натпревар ќе се одигра на 13 август од 20 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, кадешто в недела Шкендија ја очекува големото дерби со шампионот Вардар.

Најнови вести од: Спорт

To top