Фудбалерите на Престон лајонс го декласираа Мелбурн Сити У21 со 4:0 на свој терен во заостанатиот натпревар од Националната премиерлига на Викторија, но во истиот ден стигна потврдата на казната од фудбалската федерација на истоимената австралиска сојузна држава (Football Victoria), која му одзеде уште три бода на клубот на Македонците.
Казната се однесува на гостувањето од 18 јули кај клубот на Грците, Саут Мелбурн, кое заврши без голови, а навивачите на Престон лајонс истакнаа транспаренти со антигрчка содржина, за кои „лавовите“ добија и парична санкција од вкупно 18.150 австралиски долари.
Гордоста на македонската заедница од предградието на Мелбурн го почна првенството со -6 бода исто така поради однесувањето на тврдокорниот дел од своите фанови во минатата сезона, но и со вкупно девет одземени бода моментно е петти на табелата две кола до крајот на основниот дел, а првите шест екипи одат во разигрувањето.
Со тие бодови составот на Зоран Марковски би имал вкупно 49 и би бил втор, а првите два тима одат директно во полуфиналето од плејофот.