Во рамки на традиционалната манифестација „Турнир на медиумите“, која по 34. пат ја организира „Спортско радио 90,3 ФМ“, денеска во Свечената сала на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се одржа панел-дискусија на тема „Спортот во ерата на вештачката интелигенција: етика, здравје и извонредност“.
Настанот го следеа повеќе од 100 гости од Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, меѓу кои поранешни и актуелни спортисти, како и студенти. Воведното излагање го одржа проф. д-р Орце Симов, кој даде преглед на досегашните достигнувања во областа на вештачката интелигенција. Тој истакна дека ВИ може да им помогне на клубовите со помали буџети да се доближат до резултатите на големите клубови што располагаат со значителни средства и висока организираност.
Деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, проф. д-р Влатко Неделковски, потсети дека и во минатото научниците вршеле мерења и истражувања за унапредување на перформансите на спортистите. Според него, развојот на вештачката интелигенција и автоматизацијата би можеле да ги забрзаат процесите, но истовремено постои ризик од појава на хедонизам или физичка пасивност. Затоа улогата на оние што се грижат за здравјето ќе биде уште поважна. Неговата професионална определба останува да се поддржува врвниот спорт.
Проф. д-р Маре Србиновска од Институтот за електрички мерења и електротехнички материјали посочи дека е потребна претпазливост при собирањето и анализата на податоците. Таа смета дека вештачката интелигенција и тренерот заедно треба да ги донесуваат одлуките по детална анализа во пресрет на натпреварите.
Фудбалскиот тренер Горазд Михаилов потврди дека ја користи ВИ за подготовка на презентации за своите играчи, но оцени дека крајната одговорност и понатаму ја носи тренерот како лидер на тимот. Тој се согласи со ставот дека вештачката интелигенција е корисна алатка што може да им помогне на помалите тимови да напредуваат.
Гостинот од Босна и Херцеговина, проф. д-р Изет Раѓо, се обрати преку видео-порака, извинувајќи се што не можел да присуствува лично. Тој е академик, поранешен претседател на Олимпискиот комитет на БиХ и автор на книгата „Вештачката интелигенција и менаџментот на човечките ресурси во спортот: нови парадигми за здравје, лидерство и успех“.
„Турнирот на медиумите“ продолжува денеска и утре со останатите активности предвидени според програмата.