Како што го почна, фудбалската репрезентација на Македонија така и го заврши дебитантскиот настап во сегментот Б од Лигата на нациите – со уште еден, шести пораз, втор од Словенија, овојпат со 3:0 и катастрофална гол-разлика 1:15.
Пред очите на нивниот сонародник на чело на УЕФА, Александар Чеферин, Словенците го решија прашањето на победникот со двата гола на Даниел Штурм во 39. минута и во 91. минута и на Давид Зец во 66. минута за второ место во групата и разигрување за пласман во А-дивизијата.
Избраниците на селекторот Гоце Седлоски, пак, ќе играт за опстанок во Б-нивото на натпреварувањето на УЕФА против Белорусија, Кипар, Фарски Острови или Естонија, второпласирани во своите групи од Ц Лигата на нациите.
Ждрепката за баражот ќе се одржи в петок од 12 часот, а натпреварите ќе се одиграат кон крајот на март 2027 година.