Спорт

„Тоа е нешто големо за мене, дел од моите корени“: Мусовски возбуден што ќе го облече македонскиот дрес

Голгетерот на Сиетл саундерс од МЛС-лигата дојде во Скопје по пасош за да заигра против Данска во мартовскиот бараж за СП

Фудбалерот на Сиетл саундерс од американската МЛС-лига, Даниел Дени Мусовски, дојде во Скопје за да поднесе барање за македонски пасош, кој му следува преку родителите Ѓорѓи и Силвана, со кое ќе може да ја засили репрезентацијата на Македонија во мартовскиот бараж со Данска за Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико.

„Моите родители беа премногу возбудени кога слушнаа дека ќе бидам повикан во македонската репрезентација. Тоа е нешто големо за мене, дел од мојата историја, дел од моите корени и нешто со што сум пораснал. Возбудувањето е големо, Светското првенство е во САД и дефинитивно ми се допаѓаат нашите шанси“, изјави 30-годишникот роден во Хендерсон, Невада, за подкастот на Фудбалската федерација на Македонија.

Мусовски игра на позициите крило и центарфор и во последната сезона во МЛС постигна 16 гола и запиша 5 асистенции. Заменувајќи го повредениот Џордан Морис, тој максимално ја искористи шансата, погодувајќи на пет натпревари во низа, а хет-трикот во победата над Канзас од 5:2 во август му го донесе признанието за играч на 30. коло.

Според „Трансфермаркт“, вредноста на Мусовски на фудбалскиот пазар во моментов е 2,5 милиони евра.

Во својот втор мундијалски бараж едноподруго Македонија ќе ѝ гостува на Данска на 26 март во Копенхаген. Ако победи, пет дена подоцна ќе игра на гости кај подобриот меѓу Чешка и Република Ирска за историско учество на планетарните шампионати.

Најнови вести од: Спорт

Инциденти на мечот Шкендија – Пелистер: Фрлен скалпел кон судиите, четвртиот судија погоден со паричка и запалка

Фудбалската федерација на Македонија соопшти дека согласно официјалниот судиски извештај од натпреварот од 20. коло во Првата македонска фудбалска лига меѓу Шкендија и Пелистер, биле евидентирани повеќе сериозни безбедносни инциденти. Во 57. минута, при прекин на играта поради измена на играчи, од трибините биле фрлани предмети кон техничкиот простор. Четвртиот судија бил погоден со паричка […]

To top