Спорт

Во Белград несреќни за одлуката на македонскиот бисер Матеј

Македонецот предизвика разочарување во Србија и гордост во Македонија

Матеј Гаштаров, голем талент од белградска Црвена ѕвезда, предизвика разочарување во Србија откако одлучи да ја претставува Македонија на сениорско ниво, и покрај обидите на Фудбалскиот сојуз на Србија да го убеди да го облече дресот на „Орлите“.

Гаштаров е вклучен во составот на селекторот Гоце Седлоски за претстојните натпревари во Лигата на нации против Швајцарија, Словенија и Шкотска, со што и официјално ја потврди својата конечна одлука за својата репрезентативна иднина.

Играчот од средниот ред, кој привлече внимание со одличните настапи за Црвена ѕвезда и важи за еден од најперспективните таленти од младинската школа на белградскиот клуб, претходно беше во фокусот на интересот на Фудбалскиот сојуз на Србија.

Директорот на ФСС, Ранко Стојиќ, неодамна изјави дека сојузот ќе стори сè што е можно Гаштаров да заигра за Србија, но на крајот, до тоа не дојде.

Самиот играч преку социјалните мрежи потврди дека е повикан во составот на земјата во која е роден и ја прифатил поканата, со што ги отстрани сите евентуални дилеми.

Овој исход не претставува големо изненадување, со оглед на тоа што Гаштаров веќе ги мина сите младински репрезентативни селекции на Македонија. Тој беше еден од истакнатите играчи во младинскиот тим и редовно настапуваше за репрезентацијата додека беше дел од младинскиот погон на Црвена ѕвезда, како и за време на неговиот престој во Борац Чачак.

Селекторот Гоце Седлоски предходно објави оти Гаштаров со големо задоволство го прифатил повикот и изразил силна желба да ја претставува Македонија на сениорско ниво.

Во Србија не се премногу изненадени; сметаат дека младиот фудбалер донел разумна одлука. Еве што велат навивачите по објавата дека бисерот на „Ѕвезда“ сепак ќе ја претставува Северна Македонија:

„Класичен аматеризам во ФСС [Фудбалскиот сојуз на Србија]. Соодветното следење на таленти требаше да се направи многу порано, а не сега, откако момчето одигра неколку добри натпревари. Класичен пример за недостаток на систем за следење млади таленти.“

„Македонец – роден во Македонија, израснат во Македонија, настапувал за младинските репрезентации – одлучи да игра за својата земја? Единственото нешто што не ми е јасно е кој мислеше дека ова е добра идеја.“

„Момчето само си избра за кого сака да игра и тоа е тоа.“

„Штета; добар играч е.“

„Не беше реално да се очекува дека туку-така ќе се согласи. Секој треба да си се држи до своето.“

„Секако дека ќе ја избере својата земја. Браво за Гаштаров; Македонија ќе добие уште една ѕвезда.“

„Никој не го забележа во младинските тимови претходно, а сега одеднаш сакаат да игра за Србија.“

„И треба да игра за својата земја. Браво, момче.“

Најнови вести од: Спорт

Најнови вести

To top