Германија ќе придонесе со 300 милиони долари во фондот на НАТО за „Итни приоритетни потреби за Украина“ (PURL), кој го финансира набавувањето на американско вооружување, објави денеска во Брисел министерот за одбрана Борис Писториус.
Оваа најава од Берлин доаѓа во момент кога Украина се соочува со акутен недостиг на ракети за системот „Патриот“ – нејзината најефикасна одбрана против руските балистички ракети – пренесува „Киев Индипендент“
„Поддршката за Украина не е хуманитарен гест. Станува збор за безбедноста на Европа, за запирање на Владимир Путин и за негово ставање на неговото место“, изјави Писториус.
„Ова е петтиот пакет во кој учествува Германија. Фокусот е ставен на противвоздушната одбрана, конкретно на ракетите ’Патриот‘ (Patriot) од типот PAC-2 и PAC-3“, додаде министерот. Понатаму, Писториус напомена дека Берлин ќе ѝ обезбеди на Украина нови радари, беспилотни летала и муниција за борбените авиони Ф-16, кои Киев ги користи за пресретнување на руските напаѓачки дронови.
Украина се соочува со критичен недостиг на капацитети за противвоздушна одбрана, додека Русија продолжува со нападите врз цивилни области користејќи балистички ракети и беспилотни летала. Денеска, Русија изврши напад врз два клучни моста во Киев, во уште еден обид да го попречи движењето низ градот.
Ракетите за системот „Патриот“ се единственото оружје што се смета за доволно сигурно за запирање на руските балистички ракети; сепак, постои глобален недостиг од нив.
Ситуацијата стана уште посложена откако САД влегоа во војна против Иран.
Писториус повтори дека Германија и Европа поседуваат „многу силна индустриска база“ која би можела да се искористи за лиценцирано производство на американски системи или муниција, доколку Вашингтон се согласи.