Два американски борбени авиона биле соборени, а еден хеликоптер погоден од иранските оружени сили за време на акцијата за спасување на екипажот на еден од урнатите авиони.
Станува збор за ловци Ф-15 и А-10 и за хеликоптер „Блек хок“.
Втор борбен авион на американските воздухопловни сили се урна во регионот на Персискиот Залив денеска, при што единствениот пилот е спасен, изјавија двајца американски функционери за весникот „Њујорк тајмс“.
Јуришниот авион А-10 Вартог се урна во близина на Ормускиот Теснец приближно во исто време кога Ф-15Е беше соборен над Иран, според функционерите, кои зборуваа под услов на анонимност поради чувствителноста на оперативните информации.
„Њујорк тајмс“ забележува дека функционерите не дале многу детали за падот на А-10, вклучително и за тоа како и каде точно се случило.
Хеликоптер „Блек хок“, пак, беше соборен над Иран за време на операцијата за пребарување и спасување на екипажот на американскиот борбен авион „Ф-15Е Страјк Игл“ што беше соборен над јужен Иран порано денес, изјави американски функционер.
Службеникот изјави за „Њузмакс“ дека екипажот на соборениот хеликоптер е пронајден и дека е безбеден. Двајца американски функционери потврдија за „Њузмакс“ дека еден од пилотите на авионот што беше соборен во Иран е спасен и прима медицинска помош, додека статусот на другиот пилот е непознат.
Службениците рекоа дека операциите за пребарување и спасување продолжуваат.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека соборувањето на американскиот воен авион нема да влијае на преговорите за прекин на едномесечниот конфликт со Иран.
Во кратко телефонско интервју за американската телевизија Ен-Би-Си, Трамп одби да зборува за спецификите на тековните напори за пребарување и спасување на американскиот пилот во Иран, откако воениот авион беше соборен порано денеска.
Тој го изрази своето незадоволство од известувањето за интензивната и чувствителна воена операција.
Кога беше прашан дали денешните настани би влијаеле на какви било преговори со Иран, Трамп рече дека нема.
„Не, воопшто не. Не, тоа е војна“, рече Трамп.