Иницијативата на Советот на Европската Унија да поканува инфлуенсери (креатори на содржини) на самитите на лидерите и министерските состаноци предизвика остра реакција кај новинарите кои редовно ги следат работите на ЕУ.
Креаторот на содржини Пјетро Валето (27), кој е поканет следната недела да го посети Советот, изјави за „Политико“ дека инфлуенсерите „нема да ја поткопаат“ работата на акредитираните новинари. Сепак, ова уверување не ги смири новинарите.
Од јули, инфлуенсерите ќе имаат пристап до дел од самитите и министерските состаноци. Тие ќе можат да присуствуваат на прес-конференции, но нема да имаат право да поставуваат прашања, ниту ќе бидат третирани како медиуми.
Силна критика од новинарското здружение
Претседателот на здружението на странски новинари во Брисел (API), Дафид аб Јаго, остро ја критикува одлуката на Советот на ЕУ.
„Кликовите, прегледите и импресиите се одлични за ТикТок и Инстаграм. Но, основниот факт останува – инфлуенсерите на прес-конференции и самитите нема да мора да откриваат кој ги плаќа“, рече аб Јаго.
Тој посочи дека за разлика од инфлуенсерите, новинарите се обврзани да ја почитуваат новинарската етика и дека од нив не се очекува да прифаќаат плаќање во замена за „пишување убави приказни“.
„Тоа некако се нарекува новинарска етика“, додаде аб Јаго со иронија.
Валето, од друга страна, се претставува како „расфрлач“ на информации, чија цел е да ја доближи работата на институциите до пошироката, особено помладата публика. Тој нагласува дека инфлуенсерите не се платени од Советот и дека имаат слобода да изберат што ќе истакнат.
Овој потег на Советот на ЕУ доаѓа по слични иницијативи на Европската комисија, која неодамна ангажираше 50 креатори на содржини за своја кампања, без да ги плаќа, но оставајќи им целосна уредничка слобода.