Свет

Руски активист бара забрана за пицата

Виталиј Бородин го опиша ова јадење како форма на западна „мека моќ во картонска кутија“

 

Истакнат прокремљски активист предупреди дека, според него, пицата претставува потценета опасност за Русија, пренесува „Москоу тајмс“

Виталиј Бородин, шеф на Федералната фондација за безбедност и борба против корупцијата – организација со блиски врски со Кремљ – ги повика руските училишта и универзитети да ја отстранат пицата од менијата во своите кантини. Тој го опиша ова јадење како форма на западна „мека моќ во картонска кутија“.

„Илјада години нашите баби печеа традиционални пити, а сега ни продаваат италијанско тесто премачкано со кечап“, напиша Бородин на „Телеграм“. „Би сакал да потсетам дека Италија е на списокот на ’непријателски држави‘ и го снабдува режимот во Киев со оружје“, додаде тој.

Бородин со години е познат по тоа што пријавува наводно странско влијание во полицијата. Негови цели биле независни медиуми, јавни личности, либерални активисти, па дури и Дедо Мраз .

Тој редовно ги етикетира сите нив како потенцијални „агенти“ на западна субверзија.

„Прво пица, па Ноќта на вештерките – и одеднаш, децата не можат да наведат ниту едно руско јадење“, изјави Бородин. Тој побара од властите да ја забранат употребата на странски термини што не се преведени, на натписите на продавниците и во рекламите, наведувајќи конкретни примери како „пицерија“, „пеперони“ и „Папа Џонс“ (Papa John’s).

Кампањата на Бородин против пицата, исто како и неговите претходни акции, се совпаѓа со поширокиот тренд во Русија кон отфрлање на западното влијание.
Овој тренд е проследен со зајакнување на културниот конзервативизам на државно ниво.

Во ноември 2022 година, претседателот Владимир Путин потпиша указ со кој се дефинира улогата на државата во зачувувањето на „традиционалните руски духовни и морални вредности“.

Во документот се наведува дека овие вредности, меѓу другото, се вкоренети во културното наследство. Кремљ често ја претставува војната во Украина – како и пошироките геополитички тензии – како судир на цивилизации. Во овој наратив, Русија ја презема улогата на бранител на традиционалните вредности против ширењето на либералните западни норми.

Најнови вести од: Свет

To top