Свет

Две американски држави го тужат Маск поради експлицитните слики од Grok

Тужбите доаѓаат среде растечка загриженост за влијанието на вештачката интелигенција врз децата

Главните обвинители на две американски држави, обајцата демократи, поднесоа тужби против компаниите на Илон Маск. Тие тврдат дека при развојот и лансирањето на чет-ботот за вештачка интелигенција Grok биле заобиколени безбедносните стандарди, поради што алатката можела да генерира слики од голи лица и сексуално експлицитна содржина.

Според тужбата, начинот на кој е развиен Grok довел до широко ширење на материјали што прикажуваат сексуална злоупотреба на деца, како и интимни фотографии и видеа од луѓе објавени без нивна согласност на платформите на Маск. Главниот обвинител на Вирџинија, Џеј Џонс, во тужбата наведува дека компаниите го ставиле својот бизнис-модел над безбедноста на милиони луѓе.

„За да го протуркаат својот заостанат производ, Grok, на десетици милиони нови корисници, компаниите ги отстранија заштитните мерки според индустриските стандарди и промовираа таканаречен „зачинет режим“ дизајниран да генерира голотија“, тврди Џонс во поднесокот.

Во тужбата се тврди и дека недостигот на безбедносни мерки не бил пропуст, туку намерна карактеристика на производот.

Слична тужба поднесе и државата Орегон, повикувајќи се на своите закони за заштита на потрошувачите. Меѓу тужените се неколку компании на Маск и нивни подружници, меѓу кои SpaceX и X. Од компанијата не одговорија на барањето за коментар испратено по е-пошта.

Загриженост за децата

Тужбите доаѓаат во време на сè поголема загриженост за ризиците што вештачката интелигенција ги носи за децата, од можните влијанија врз развојот на мозокот до нездравите емоционални врски што многу млади ги градат со чет-ботовите.

Според тужбата на Вирџинија, во декември 2025 година Grok, кој е достапен преку социјалната мрежа X, воведе функција со која сите корисници можеа да генерираат и да уредуваат слики. Веќе во јануари следуваше остра реакција ширум светот, кога стана јасно дека со Grok можат да се создаваат убедливи, но лажни сексуализирани слики од вистински луѓе. Истражувачите предупредија дека на некои од нив можеби се прикажани и деца.

Во тужбата се наведува дека „платформата X била преплавена со сексуализирана содржина, првенствено со жени“.

Малезија и Индонезија привремено ја забранија технологијата, а други држави најавија дека отвораат или прошируваат истраги. Како одговор на критиките, Grok им ја оневозможи функцијата за генерирање и уредување слики на корисниците што не плаќаат. Сепак, тоа не ги спречи корисниците да продолжат да создаваат сексуализирани слики од луѓе без нивна согласност.

Казна од 2.500 долари за секој прекршок

Тужбата на Вирџинија е поднесена во федералниот суд во Ричмонд. Во неа се тврди дека компаниите на Маск ги прекршиле државните закони за заштита на потрошувачите со „лажно претставување дека имплементирале и спроведувале заштитни мерки за заштита на потрошувачите од изложеност на штетна, сексуализирана содржина“.

Вирџинија бара казна од 2.500 долари за секое „намерно кршење“ на државниот Закон за заштита на потрошувачите, а точниот број на прекршоци би се утврдил во текот на судењето. Државата бара и судот да им забрани на компаниите понатамошни прекршоци и да им наложи да ги вратат сите „нелегално стекнати добивки“ поврзани со наводните прекршоци.

Најнови вести од: Свет

To top