Свет

Трамп е привремен, партнерството со Европа останува – порака од американските демократи

Американската политика не е трајно врзана за сегашната администрација

Додека европските лидери на Минхенската безбедносна конференција со неизвесност го очекуваа обраќањето на американскиот државен секретар Марко Рубио, истакнати претставници на Демократската партија испратија сопствена порака за смирување на трансатлантските тензии. Иако говорот на Рубио не ги отстрани целосно загриженостите, во дипломатските кругови беше протолкуван како сигнал дека односите меѓу САД и Европа, и покрај нарушувањата во мандатот на Доналд Трамп, нема да бидат прекинати.

Покрај Рубио, во Минхен настапија и повеќе американски гувернери и сенатори, меѓу кои и потенцијални кандидати за претседателската номинација на демократите во 2028 година. Тие настапија со поумерена реторика, без критики за европските вредности, испраќајќи порака дека стратешкото партнерство со Европа останува клучно.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, изјави дека Доналд Трамп е „привремен“ и дека неговиот мандат ќе заврши за три години, алудирајќи дека американската политика не е трајно врзана за сегашната администрација. Демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин, нагласи дека САД разбираат колку европските сојузници се важни, а републиканскиот сенатор Том Тилис додаде дека меѓу САД и Европа не постои „граѓанска војна“, повикувајќи на воздржаност од вклучување во американската внатрешна политичка реторика.

Во исто време, дел од демократите го искористија форумот за критика на внатрешната политика на администрацијата на Трамп. Сенаторот Марк Ворнер предупреди дека најавите за федерални правила за избори и строги услови за идентификација на гласачите може да го загрозат интегритетот на изборниот процес. Администрацијата, пак, ги брани овие мерки како неопходни за спречување изборни злоупотреби.

Конгресменката Александрија Окасио-Кортез ја поврза растечката економска нееднаквост со подемот на авторитарни режими, нагласувајќи дека западните демократии мора да обезбедат конкретни придобивки за работничката класа доколку сакаат да понудат одржлива алтернатива.

Иако пристапот на Трамп кон надворешната политика, со фокус на „Америка на прво место“ и редефинирање на меѓународниот поредок, предизвикува резерви кај европските партнери, дел од американската делегација во Минхен се обиде да испрати порака дека американската демократија е поширока од една администрација.

Сенаторот од Аризона, Рубен Гаљего, изјави дека конференцијата помогнала во намалување на тензиите, додавајќи дека Европа треба да биде потсетена дека САД не се сведуваат исклучиво на политиката на Доналд Трамп.

Минхенската конференција така стана место каде што паралелно се судираат две визии за иднината на трансатлантските односи – онаа на актуелната администрација и онаа на опозицијата која настојува да увери дека партнерството со Европа останува трајна стратешка определба на Соединетите Американски Држави.

Најнови вести од: Свет

Претседателот на САД, Доналд Трамп го продолжи примирјето со Иран

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека САД ќе го продолжат примирјето со Иран, но исто така ќе ја продолжат блокадата на иранските пристаништа. Одлуката за одложување на нападот е донесена на барање на пакистанските власти, во исчекување на единствен предлог од иранското раководство за траен крај на конфликтот.

Кршење на примирјето во Ормуз: Иран со дронови удри по американски бродови по инцидентот со „Тоуска“

Состојбата во регионот останува исклучително напната, а иранските тврдења за напад со дронови врз американски воени бродови го сигнализираат можноста за понатамошна брза ескалација на конфликтот.

Канадскиот премиер призна: Блиските врски со Америка се претворија во сериозна ранливост

Изјавата на премиерот дојде неколку дена откако американскиот министер за трговија Хауард Латник остро ја критикуваше трговската стратегија на Канада во рамките на Северноамериканскиот договор за слободна трговија и ја осуди соработката на Отава со Кина.

To top