Свет

Трамп не се кае: Пак би го нападнал Иран

Тој ги отфрли тврдењата дека некои од неговите поддржувачи се вознемирени или обесхрабрени поради војната

Претседателот Доналд Трамп изјави дека не жали што ја започнал војната со Иран, и покрај потенцијалното влијание на конфликтот врз американските избори на средината од мандатот во ноември, пренесува Ројтерс.

„Не верувам во зборот ’каење‘. Секогаш може малку да се преиспитуваат сопствените одлуки“, нагласи тој во интервју за „Фокс њуз“.

„Кога би требало сè да повторам, би го направил токму она што го направив“, тврдеше Трамп.

Тој ги отфрли тврдењата дека некои од неговите поддржувачи се вознемирени или обесхрабрени поради војната.

„Не мислам дека се обесхрабрени. Мислам дека се многу горди на фактот што не му дозволувам на Иран да дојде до нуклеарно оружје“, истакна Трамп.

Трамп го повтори својот став дека војната ќе заврши веднаш по изборите на средината од мандатот.

„Ќе заврши веднаш по изборите“, изјави тој категорично. Американскиот лидер даде слична изјава и во средата, обвинувајќи го Техеран дека се обидува да влијае врз изборите, кои ќе одлучат дали Републиканската партија на Трамп ќе ја задржи контролата врз Конгресот.

Одделно, американскиот претседател им рече на новинарите дека војната со Иран нема да трае до крајот на неговиот мандат.

„Не, нема никакви шанси за тоа“, изјави Трамп.

Растот на цените на нафтата и природниот гас, како последица на војната што САД и Израел ја водат против Иран, стана главно прашање за републиканците пред изборите.

САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, а Техеран, пак, возврати со напади врз Израел и врз земјите од Персискиот Залив каде што се стационирани американски воени бази. Во американско-израелските напади врз Иран и израелските напади врз Либан загинаа илјадници луѓе, а милиони беа раселени.

Трамп како една од целите на војната го наведува слабеењето на нуклеарните капацитети на Иран. Иран не поседува нуклеарно оружје и тврди дека неговата програма за збогатување ураниум е за мирнодопски цели.

Најнови вести од: Свет

Мерц со порака до Западниот Балкан: Ослободете се од минатото, ако сакате иднина во ЕУ!

Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика земјите од Западен Балкан да не останат заробени во минатото, предупредувајќи дека поделбите и поларизацијата не придонесуваат за изградба на подобра европска иднина. Според Мерц, застојот во дијалогот меѓу Приштина и Белград го кочи целиот регион, поради што е неопходен итен напредок.

ЕУ ќе бара од Канада и Британија поголемо финансирање за Украина

ЕУ и нејзините земји-членки обезбедуваат 80 отсто од помошта за Украина, изјави Урсула фон дер Лајен и истакна дека итно е потребно други партнери да го пополнат финансискиот јаз од 70 милијарди евра со кој Киев ќе се соочи следната година

To top