Свет

Унгарскиот премиер ќе менува устав за да го смени претседателот на земјата

Доби рок до денеска, но вчера претседателот Тамаш Шујок повтори дека нема да поднесе оставка и објави дека го упатил прашањето до Венецијанската комисија

 

Унгарскиот премиер Петер Маѓар објави дека неговата влада ќе го промени Уставот за да го отстрани претседателот Тамаш Шујок доколку тој не поднесе оставка.

На прес-конференција, Маѓар рече дека го информирал претседателот за својата одлука.

„Република Унгарија не му припаѓа на Тамаш Шујок, ниту на (поранешниот премиер) Виктор Орбан; не припаѓа на ниту една партија или на ниту еден политички систем“, нагласи тој, нарекувајќи го Шујок „марионета“ на Орбан.

Вчера стана јасно дека Шујок нема намера да се повлече од функцијата претседател.

Во видео објавено на Фејсбук, тој посочи дека сака да продолжи да соработува со владата и дека ќе ја поддржи потребната легислатива за деблокирање на европските фондови за земјата.

Маѓар потоа одговори, исто така во објава на Фејсбук:

„Тамаш Шујок никогаш не се залагал за оштетените, за луѓето што се нападнати или за владеењето на правото. Дури и на Денот на децата, тој се грижи само за одбрана на својата месечна плата од 6,3 милиони форинти, наместо да се извинува“, објави Euronews.

Премиерот постави рок до 31 мај за оставка на шефот на државата и неколку други високи државни службеници, вклучувајќи го и генералниот обвинител, Габор Балинт Над.

Вчера попладне, Маѓар ги потсети своите следбеници на Фејсбук за претстојниот рок и објави дека во 8:00 часот наутро во понеделник, тој и министерот за правда ќе го посетат претседателот.

Маѓар претходно го опиша Шујок како „марионетски претседател“ на Виктор Орбан. Тој тврди дека Орбан сакал шеф на држава чија примарна лојалност е кон партијата Фидес, додека заштитата на уставниот поредок и националното единство се второстепени.

Вчера, Шујок повтори дека нема да поднесе оставка и објави дека го упатил прашањето до Венецијанската комисија и дека неговиот случај треба да се испита според уставот.

Според сегашниот уставен систем на Унгарија, претседателот го избира парламентот и има главно претставнички функции, иако институцијата игра улога и во уставната контрола врз законодавството. Сите претседатели избрани со уставното мнозинство на Фидес – Пал Шмит, кој поднесе оставка по скандалот со плагијат, Јанош Адер, Каталин Новак, кој се повлече поради контроверзен случај на помилување и Тамас Шујок – се сметаа за лојални поддржувачи на владите на Виктор Орбан.

Најнови вести од: Свет

Чувајте дома храна за 3 дена, заедно со ќебиња, готовина, батериска ламба…

Кампањата „Биди подготвен“ (Be Ready) ги поттикнува граѓаните да направат залихи што ќе им овозможат да преживеат 72 часа без пристап до стандардните услуги и комунални добра, а иницијативата е покрената како одговор на растечката загриженост на властите во врска со последиците од климатската криза, зависноста од технологијата и заканите од непријателски настроени држави

Мерц со порака до Западниот Балкан: Ослободете се од минатото, ако сакате иднина во ЕУ!

Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика земјите од Западен Балкан да не останат заробени во минатото, предупредувајќи дека поделбите и поларизацијата не придонесуваат за изградба на подобра европска иднина. Според Мерц, застојот во дијалогот меѓу Приштина и Белград го кочи целиот регион, поради што е неопходен итен напредок.

To top