Унгарија се соочува со сериозни предизвици во електроенергетскиот систем поради екстремните горештини и рекордно нискиот водостој на Дунав, кој ја снабдува со вода за ладење нуклеарната електрана „Пакш“.
Според унгарските власти, постои можност електраната привремено целосно да ја запре работата доколку состојбата дополнително се влоши. Премиерот Петер Маѓар изјави дека веќе континуирано се намалува производството на блоковите во „Пакш“, а целосно исклучување би значело губење на околу 2.000 мегавати електрична енергија.
Тој нагласи дека снабдувањето со електрична енергија е обезбедено, бидејќи Унгарија располага со увозен капацитет од 3.600 до 3.800 мегавати, што би го покрило евентуалниот недостиг.
Дополнителен проблем претставува и дефектот во термоелектраната „Дунаменти“, поради кој производството е намалено за речиси 400 мегавати. Доколку поправката не успее, властите најавуваат дополнителни мерки.
Премиерот најави состаноци со операторот на електроенергетскиот систем МАВИР, каде што ќе се разгледуваат можни сценарија, меѓу кои и ротациски исклучувања или ограничување на потрошувачката во индустријата.
Во меѓувреме, операторот на електраната МВМ соопшти дека денеска во 15 часот е исклучен еден од четирите реактори во „Пакш“ поради рекордно ниското ниво на Дунав. Пред два дена производството беше намалено и во вториот реактор за 254 мегавати.
По оваа мерка, електраната ќе работи со околу 60 отсто од својот капацитет. „Пакш“, која располага со четири реактори од руско производство со вкупен капацитет од два гигавати, обезбедува речиси половина од електричната енергија во Унгарија.
Рекордно нискиот водостој на Дунав веќе предизвикува проблеми и во речниот сообраќај, нарушувајќи ја пловидбата по една од најважните европски транспортни артерии.