Свет

(Видео) Во Шпанија запленети 1,5 тони кокаин: Хрват бил „нотар“ во шверцерска операција

Меѓу уапсените е и Р.Р.Г., припадник на втората генерација од криминалниот клан „Ос Фанчос“, кој со децении е присутен на подрачјето на А Побра

Шпанската полиција запленила околу 1,5 тони кокаин во местото А Побра до Карамињал, на брегот на северната покраина Галиција, а меѓу тројцата уапсени има и хрватски државјанин, објави локалниот весник „Ла Воз де Галиција“.

Кокаинот бил пронајден во објект на имот недалеку од морето, каде според досегашните резултати од истрагата бил привремено складиран.

Галицискиот брег со години е познат како една од важните точки за внес на кокаин во Шпанија преку Атлантикот од Јужна Америка.

Истражителите во последните години регистрирале и соработка меѓу локални криминални групи и лица од земјите на поранешна Југославија, меѓу кои Црна Гора, Србија и Хрватска. Поради тоа сега се проверува дали и во овој случај е вклучена некоја криминална структура од Балканот.

 

Полицијата во саботата со часови го пребарувала имотот, а биле проверени и неколку пловила.

Меѓу уапсените, според весникот, е и Р.Р.Г., припадник на втората генерација од криминалниот клан „Ос Фанчос“, кој со децении е присутен на подрачјето на А Побра.

На неименуваниот хрватски државјанин истражителите му припишуваат улога на таканаречен „нотар“.

Во криминалниот жаргон, тоа е лице кое една од организациите вклучени во шверцот го испраќа за да ја надгледува операцијата и да ги штити нејзините интереси. Неговата задача, според полициските сознанија, е да ја контролира предадената количина дрога и да провери дали се исполнети договорените услови.

Истрагата сè уште треба да утврди со кое пловило кокаинот бил донесен до брегот.

Бродот за кој се верува дека бил користен за истовар засега не е пронајден, а истражителите претпоставуваат дека дрогата била донесена на локацијата непосредно пред полициската акција.

За време на претресот полицијата од објектот изнесувала бали со кокаин, а првичната проценка е дека станува збор за околу 1.500 килограми.

Најнови вести од: Свет

To top