Пишува: Свето Тоевски
Бранејќи ја македонската национална и јазична самобитност, Видоески влегува во остар судир со бугарската „теорија“ дека „македонскиот јазик е бугарски дијалект“, но и со грчките не само негирања, туку и со ставањето на македонскиот јазик надвор од законот (!). Тој објавува научна статија „За две нови теории за македонскиот јазик“ во 1996 година во книгата „Јазиците на почвата на Македонија во издание на МАНУ. Во тој поглед со свои критички реакции истапува и на еден научен собир во 1997 година.
„Во последниот век и половина за македонскиот јазик се исконструирани повеќе (да не речам многу) ‘теории’ за македонскиот јазик. …Кон крајот на 70-те години во софискиот лингвистички центар се разработи нова ‘теорија за македонскиот литературен јазик’: тоа беше обиде да ‘нормира нов бугарско-македонски јазик’. А македонските говори во Пиринска Македонија воопшто не ги споменуваат, сметајќи ги како дел од бугарската јазична територија. Ставот на грчката политика во тоа време, па според тоа и ставот на грчката наука за јазикот, по однос на македонскиот јазик во Егејска Македонија ни е добро познат: македонската реч беше ставена надвор од законот.“
Во заклучокот на својата спомената статија и на настапот на тој научен собир великанот на македонската дијалектологија ќе нагласи: „Сепак, македонскиот литературен јазик е наполно оформен и стабилизиран и како таков е општоприфатен во светската лингвистичка наука. Тој мора да се разгледува како една лингвистичка индивидуалност, создадена на овој терен. Тој е јазик, кој има своја историја.“

Може да се заклучи: со својата тритомна монографија „Македонските дијалекти“, со сите свои студии и истапувања на лингвистичките собири Божидар Видоевски со силата на научните аргументи и теренските истражувања ги искрши на парчиња грчко-бугарските шовинистички негирања и напади врз македонскиот јазик и врз народот, што го говори – Македонците. Но, дали е ова доволно?
Цветанова: Негирањето на македонската национална и јазична посебност е облик на политички говор на омраза
„Облик на политички говор на омраза се негирачките ставови кон македонската национална и јазична посебност, кога се ставени во контекст на македонско-бугарските односи и македонската евроинтеграција.“ – ова е нагласено пред почетокот на научниот собир „Негирањето на политичката легитимност на македонската нација и посебноста на македонскиот јазик како форма на политички говор на омраза” во организација на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ.
Истакнувајќи дека „негирањето на македонската национална и јазична посебност е облик на политички говор на омраза“, пред пет дена професорката д-р Ганка Цветанова од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на УКИМ (ИСППИ) ги изнесе заклучните согледувања од двегодишниот научно-истражувачки проект „Негирањето на политичката легитимност на македонската нација и посебноста на македонскиот јазик како форма на политички говор на омраза”. На овој проект работеа научници од ИСППИ и од Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ.
„Негирањето на македонската национална и јазична посебност е насочено кон оспорување на правото на самоопределување. Во случајот со македонско-бугарските односи и македонската евроинтеграција тоа негирање и историскиот ревизионизам можат долгорочно да ги успорат нашите политички процеси и евроинтеграцијата. Се предизвикува нетрпеливост меѓу државите и соседните народи, се поткопува довербата на граѓаните во Европската Унија. Воопшто не треба да се расправа на тема дали македонскиот јазик е посебен јазик, бидејќи тоа е нашето право на самоопределување. Јазикот е најзначајниот идентификатор на македонскиот идентитет и затоа не смее да се засегне во таа област.“ – предупреди Цветанова во името на истражувачкиот тим на научници од двете високи научни институции.
Во однос на тоа што може и што треба да стори Македонија како држава Цветанова заклучи: „Во услови кога Бугарија нѐ условува и јавно европратениците во Европскиот парламент со омраза зборуваат против македонскиот јазик, политичките елити треба да го црпат и знаењето и легитимитетот во одбрана на нашето право на самоопределување, кое фигурира највисоко на скалата на човекови права и слобода, како и јазичните права. Токму со ваквите научно-истражувачки проекти академската заедница дава едно научно толкување зошто не смееме да отстапиме од нашите ставови кога е загрозен идентитетот.“
Имајќи ги предвид капиталните студии на академик Божидар Видоески и овие најнови предупредувања на македонската политичка наука и науката за македонскиот јазик, прашање е: дали е веќе дојдено крајно време да се стави на „уставно и законско ренде“, да се преиспитаат во целина „Бугарскиот договор“, протоколите кон него и сета преговарачка рамка, сосе „францускиот предлог“? Па да се поништи, односно да се постапи исто како што направија Бугарите“ кога се откажаа од натамошнатра примена на „Бледскиот договор“ пред 8 децении? Зашто идентитетот, јазикот, културата и историјата на македонскиот народ се поле, во кое не може никој никому да му завлегува, да му забранува што е и да му наредува што мора да биде – како што се обидуваат Бугарите кон Македонците. Не во Европската унија, туку и во „Галактичката федерација на нации“ да им се понуди членство на македонскиот народ и сите други граѓани ќе нема вредност кога ќе треба се откажете од своето национално самочувство и идентитет.
(продолжува)