Колумни

Бугарија потпиша меѓународен „Бледски договор“ во 1947 и го раскина еднострано во 1949, а сега бара примена на Вториот протокол – неусвоен записник и промена на устав!

По преговорите на 30 и 31 јули 1947 година претседателот на Југославија Јосип Броз Тито и премиерот на Бугарија Георги Димитров потпишуваат на 1 август 1947 година меѓудржавен договор познат како „Бледски договор“. Тој има  исклучително значење за македонскиот народ, бидејќи е прво официјално државно признавање на македонскиот национален идентитет и јазик од страна на Бугарија. „Бледскиот договор“ меѓу двете држави има карактер на меѓународен договор и претставува меѓународно-правен пример, кој докажува дека историските  спорови меѓу двете земји веќе биле решени во согласност со Повелбата на Организацијата на Обединетите Нации. Но, на 1 октомври 1949 година бугарската влада еднострано го раскинала „Бледскиот договор“. Денес се случува парадокс и апсурд, обединето во едно. Бугарија се откажала, поради свои национални интереси, од еден меѓународен договор со тогашна Југославија, која ги претставувала во полна мера и Македонија и македонскиот народ народ со неговите национални интереси. А денес Бугарија бара од Македонија целосно да го спроведува Вториот протокол кон „Добрососедскиот договор“ – протокол кој претставува најобичен технички документ, односно записник, кој не е ниту усвоен во Собранието на Македонија, па затоа не содржи обврска за негово спроведување. Бугарија раскинала еднострано меѓународен договор, а денес инсистира на спроведување технички документ, кој нема врска со меѓународен договор, иако ЕУ му дала „европски печат“, вметнувајќи го во Преговарачката рамка со сите во него протнати обврски за промена на устав и за „Бугари во устав“, за промена на учебници, споменици, за целосна бугаризација на сѐ што е македонско! Од аспект на меѓународното право, „Бледскиот договор“ воопшто не е „прелиминарен“ договор без никакво значење, туку претставува правно – специфичен, историски и политички важен документ, формално потпишан од Јосип Броз Тито во име на Југославија, која ја застапуваше полноважно Македонија, и од Георги Димитров во име на Бугарија.

Пишува: Свето Тоевски

Публикација на бугарското Министерство за информации и уметност, Библиотека за политички движења, 1947, Софија

 „На 1 август 1947 година во Блед, во Словенија, е потпишан Договорот за пријателство и соработка меѓу ФНР Југославија и НР Бугарија. Овој договор е произлезен по преговорите меѓу Јосип Броз Тито и Георги Димитров во Блед на 30 и 31 јули и 1 август 1947 година. Оттука постои и називот ‘Бледски спогодби’ Тито – Димитров, или скратено ‘Бледски договор’. Со него Бугарија тогаш ги признала постоењето на македонскиот народ и неговиот засебен македонски јазик и засебна македонска национална историјa, како различни од етничките карактеристики, јазикот и историјата на бугарскиот народ. Македонија била тогаш застапувана во надворешната политика од сојузната, федерална власт. Оттука ‘Бледскиот договор’ со Бугарија бил потпишан и во името на Македонија. Обврските, кои ги имала преземено Бугарија кон Југославија, во иста и полна мера се однесувале и кон Македонија.“ – се наведува во една статија на „Македонска нација“.

Тито и Димитров за време на преговорите во Блед на 30 и 31 јули 1947 година

Во статијата натаму се истакнува: Што содржи „Бледскиот договор“, кој е одговор на сите денешни спорови, што ги отвора Бугарија кон Македонија? (1) Со договорот Бугарија признава дека била окупатор и се задолжува да плати тогашни 25 милиони долари воена оштета. Тито прифаќа да ѝ прости на Бугарија 25 милиони долари за воена отштета кон Југославија, како добра волја за правата на Македонците во Бугарија. (2) Бугарија го признава официјално постоењето на македонскиот народ и на македонски јазик, како и  постоењето на Македонците во Пиринска Македонија. Ним им дава културна автономија, односно на Пиринска Македонија, со согласност Пиринска Македонија да се обедини со Вардарска Македонија во рамки на една поширока југословенско-бугарска балканска федерација.

Круме Кепески

 Сведоштво на јазичарот Круме Кепески: Во Пиринска Македонија пулсираше македонското чувство!

Граматичарот и лингвист Круме Кепески во своја статија, објавена за весникот „Вечер“ на 19 декември 1975 година изнесува автентично сведоштво како е изведувана наставата по македонски јазик во Пиринска Македонија по потпишувањето на „Бледскиот договор“ и воопшто каков бил односот кон Македонија и македонскиот народ.  Пренесуваме некои од поважните делови од оваа статија на Круме Кепески.

„Летото 1947 година со специјален закон, изгласан во Великото народно собрание на НР Бугарија, во училиштата во Пиринска Македонија се воведоа како училишни предмети македонскиот литературен јазик и македонската национална историја. Во истата година, по барање на НР Бугарија, заминаа голем број културни и просветни работници од НР Македонија, за да ја започнат реализацијата на културно-националната автономија во Пиринска Македонија. Во есента 1947/48 година, или поточно во почетокот на ноември, бев вклучен како професор во Учителскиот институт во Горна Џумаја, (Благоевград). Во таа учебна година, според спогодбата на НР Бугарија и ФНР Југославија, а по барање на бугарската влада, во сите градови и поголем број пирински села беа назначени учители – професори од НР Македонија, кои предаваа македонски јазик во основните училишта и гимназиите.“

 „Во Горна Џумаја беше основан и работеше Македонскиот народен театар. Во него работеа заеднички артисти од Пиринска Македонија и НР Македонија. Овој театар прикажуваше пиеси на македонски јазик во Горна Џумаја, но патуваше и даваше претстави и во другите градови и поголеми села во Пиринска Македонија. Во текот на 1948 година во Горна Џумаја за студентите од скопскиот Филозофски факултет организираше и заедничка веселба, на која се пееја македонски народни песни и пулсираше македонското чувство. Летото 1948 година се прекрати овој развој на полето на културата и просветата на македонски јазик во Пиринска Македонија.“ – има напишано, покрај другото, Круме Кепески во таа статија во1975 година. 

По судирот на СССР и Сталин со Тито и Југославија во 1948 година Бугарија на 1 октомври 1949 година еднострано го раскинува „Бледскиот договор“, само не оној дел, во кој Југославија ѝ простува 25 милиони долари, што требаше да ги плати како воена репарација од окупацијата на Македонија. Раскинувајќи го „Бледскиот договор“, Бугарија ги поништува целосно правата, што им ги призна и им ги даде на Македонците во Пиринска Македонија.

Александар Атанасовски

Атанасовски:  Македонија треба да прекине секакви преговори за историјата со Бугарија и да бара да ги почитува потпишаните документи од 1947 година

Факсимил на оригинален документ од Министерството за просвета на Бугарија од 1947 за тоа какви поправки треба да се извршат во учебниците по историја во Бугарија

Професорот по историја д-р Александар Атанасовски во една објава на својот фејсбук профил нагласува: „ Бугарија се откажала од цар Самоил уште во 1947 година. Уште во 1947 година историски комисии помеѓу Македонија и Бугарија ги уредиле бугарските погледи на македонската историја. Тогаш се објавени документи за исправки на историските читанки во Бугарија. Во документите стои дека промените се со цел да се спречи великобугарскиот шовинизам и се однесуваат на различни историски периоди. Во еден од документите стои дека Самоиловата држава не е западнобугарска држава, туку типична феудална држава, во која доминантно население се македонските Словени. Во бугарската историја треба да ја пишува вистината дека Климент и Наум се сесловенски просветители, оти Кнежеството на Пребонд е првиот обид на македонските Словени да создадат независна држава, а дека браќата Миладиновци се македонски просветители. Но, денес Бугарија не го почитува потпишаното од 1947 година.“

„Со Договорот од Блед Бугарија се залага да ги осигура правата на Македонците во Пиринска Македонија (денес Бугарија) во слободен национален, економски и културен развој и воопшто односите на Бугарија спрема Македонија. Нека биде овој документ пример како треба да биде претставена вистинската историја пред 1945, која дефинитивно не е бугарска. Македонија треба веднаш да прекине секакви преговори за историјата со Бугарија и да бара бугарската страна да ги почитува потпишаните документи од 1947 година.“ – истакнува во објавата на фејсбук македонскиот историчар Атанасовски.

„Бледскиот договор“ останува како силен политички и историски аргумент во дебатите пред меѓународните тела (како Советот на Европа и Судот за човекови права во Стразбур) во врска со малцинските права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, денес во Бугарија. Зашто, останува трајно и неизбришливо од аналите на меѓународното право и дипломатската историја дека „Бледскиот договор“ е клучен доказ за официјалното и доброволно признавање на македонското малцинство во Пиринска Македонија од страна на бугарската држава.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со која било политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

Македонското научно-литературно другарство од 1902 – моќниот гласник на македонската вистина во Европа и светот (1)

„Словеномакедонското национално-просветно друштво ‘Св. Кирил и Методија’ има цел да го помага духовното преродување и обединување на Македонските Словени и нивното слободно национално-битово самоопределување.“ – се наведува во член 1 на во Уставот на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД), основано на денешен ден, на 28 октомври 1902 година во тогашен Санкт Петербург, во Русија. Активностите на Македонското научно-литературно другарство на Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и другите македонски национални дејци, собрани во него, имаат огромно, немерливо значење за македонскиот народ и Македонија, бидејќи уште пред повеќе од еден век многу јасно и многу силно ги претставуваа и ги заштитуваа македонските национални и државни интереси пред агресивните балкански држави и нивните поддржувачи – големите европски сили. МНЛД им укажа на Европа и светот уште пред 122 години дека постои еден народ во Балканот со своја македонска самосвест, кој се бори за правото сам да ја кове својата судбина, без никој да господари со него. Вонвременските пораки на на ова македонско интелектуално Другарство одекнуваат со сета сила и актуелност и денес, во овие сложени геополитички и меѓународни моменти, во кои се втурнати македонскиот народ и Македонија.

Претсмртниот завет на Антон Попов до сите македонски поколенија да го чуваат македонското име и никогаш да не отстапуваат од борбата за иднината на Македонија

На денешен ден, на 20 октомври 1915 година е роден непокорниот син на Македонија и македонскиот народ писателот Антон Попов. Неизмерна е важноста на неговите дела за градењето на македонската самосвест на македонскиот народ. Како бранител негов и на македонската кауза, во своите публицистички трудови, како што е знаменитата статија „Дали постои македонска нација“ Попов дава јасен, научно и историски образложен одговор за постоењето на македонскиот народ, со кој ги побива туѓите негаторски пропаганди. Попов постоеше и живееше, сонуваше и копнееше, дишеше и умре за саканата таковина Македонија, стрелан во Софија на 23 јули 1942 година од царборисовскиот фашистички режим на Бугарија.

Бистришки, 1934 – Тоевски, 2026: Зошто сме ние, Македонците, одделен народ? (4)

Одговорот на тоа прашање е од огромно геополитичко значење за Македонија и македонскиот народ и денес, на почетокот на 21 век. Авторот на овој текст чини напор сега, во 2026 година, да даде свој аргументиран одговор на истото прашање, кое си го постави пред себе Васил Ивановски – Бистришки во 1934 година. Македонците се навистина посебен народ во Балканот и Европа: својата „Македонска приказна“ тие си ја пишуваа самите низ бурните епохи на својата национална историја. Во таа историја се вградени сите државотворни стремежи на македонскиот народ, на кого никој никогаш ништо не му подарил, ниту држава, ниту фалсификувана историја како на „добрите соседи“. Напротив; толку многу му одзеле, но тој стои простум и натаму наспроти бурите на (не)времињата. Македонците со својот јазик и писменост, со својата духовност и култура, со својот идентитет и историја се длабоко во темелите на европската цивилизација.

Огромното значење на „Македонскиот манифест“ на Бистришки за посебноста на македонскиот народ сега кога се прогласува дека е бугарски и воздухот, што го дише! (3)

Статијата на Васил Ивановски – Бистришки со наслов „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година, е еден од најзначајните и најтемелните историски документи во 20 век за афирмација на македонскиот национален идентитет и за правилното и целосно решавање на македонското прашање во Балканот. Македонски историчари аргументираат дека е таа текст од клучно значење за македонскиот народ, исто како и „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

За Бугарите Васил Бистришки „талкал околу македонското прашање“, иако јасно се борел против бугаризацијата на Македонија и Македонците! (2)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика, ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

Васил Ивановски-Бистришки им одржа на Бугарите и Грците „лекција“ за постоењето на Македонците десет години пред „Тито да ги измисли“! (1)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика,  ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

Најнови вести

To top