Тема: Егејска Македонија денес во Грција

Трифун Хаџијанев, прекалениот деец за македонската кауза и организатор на работнички штрајкови во Воденско, стрелан од германските окупатори на 1 мај 1944

На денешен ден, на 1 мај во 1944 година е убиен прекалениот деец за македонската национална кауза и револуционер Трифун Хаџијанев од страна на германските окупаторски власти во злогласниот затвор „Хајдари“ во близина на Атина. Заедно со група од 200 македонски и грчки антифашисти Хаџијанев е стрелан во знак на одмазда за убиството на еден германски генерал од страна на грчките сили на отпорот. Има силна симболика во фактот што македонскиот патриот-антифашист  Хаџијанев бил ликвидиран случајно токму на 1 мај, на меѓународниот Ден на трудот, посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците: тој бил борец не само за националната, туку и за социјалната слобода и социјалните права на македонскиот народ во Воденско, во Егејска Македонија, денес во Грција. Во дваесеттите и 30-тите години од минатиот век Трифун Хаџи Јанев како синдикален функционер бил организатор и водач на повеќе работнички штрајкови во Воден. Денешната 82-ра годишнина од неговата смрт е соодветен повод за чествување и навраќање на животот и револуционерната дејност на овој македонски патриот и борец за слободата и идентитетот на македонскиот народ во Егејскиот дел на Македонија, денес во Грција.

Егејска Македонија меѓу „неважните места“ во Грција и чувство на „етничка исклученост“ кај Македонците од грчките економски политики

Концептот на „географијата на економско незадоволство“ на д-р Андрес Родригез-Позе, професор по економска географија во Лондонската школа за економија и политички науки, надополнет од други експерти и со „географија на политичко незадоволство“, во овие месеци од 2026 година е јасно видлив во редица региони и градови во Грција. Во оваа држава има зголемени територијални нееднаквости на регионите во нивниот економски развој. Кажано со терминологијата на Позе, во Грција тоа се „места кои не се важни“, „заборавени од далечните елити“ и упаднати во „развојна стапица“, што означува оневозможеност на развојот за односните региони.. Народски кажано, ваквите во значителна, или во голема мера „забаталени места“ се наоѓаат во северниот дел на Грција, во нејзините периферни, пригранични административно – управни региони Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија. Станува збор за градовите и селата во регионите на: Лерин (Флорина), Костур (Касторија) Воден (Едеса), Кукуш (Килкис), Сер (Серес), Пазар (Јаница), Саботско (Аридеа) и Драма (Драма). Дали е „случајно“, или не е, тоа што овие „неважни места“ се, поправо, Егејскиот дел на некогашната етногеографска Македонија, но и тоа што, во нив, покрај други, живее и македонско население во поголема, или помала мера?!

To top