Сиљановска-Давкова: Нема место за двојни стандарди во евроинтегрирањето, кое не смее да биде оптоварено со историски, јазични и идентитетски прашања!
На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Загреб беше пречекана од претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ. Двајцата претседатели одржаа „лице-в-лице“ средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и хрватската делегација, кои во средиштето на вниманието ги ставија традиционално пријателските заемни односи. Со тоа започна дводневната официјална посета на Сиљановска-Давкова на Хрватска. На заедничката прес-конференција Сиљановска-Давкова истакна дека членството во Европската Унија останува една од стратешките определби на државата и се заблагодари за пријателскиот однос, поддршката и разбирањето од страна на Хрватска, како и за помошта во отворањето нови перспективи и можни решенија во процесот на европските интеграции.