Македонија

Влада: Треба да се почитуваат основните принципи на професионално и етичко однесување во медиумскиот простор! – Недоличното однесување на новинарот Адеми кон Јаневска не е изолиран инцидент!

„Заштитата и унапредувањето на слободата на медиумите и правото на новинарите да поставуваат прашања од јавен интерес, без никакви ограничувања или притисоци се наша обврска, но истовремено, нагласуваме дека ова право подразбира и обврска за професионално, достоинствено и етичко однесување. Слободата на изразување не смее да биде изговор за нарушување на личниот и институционалниот интегритет – се вели во реакцијата на Владата, објавена денеска, а во врска со вчерашниот инцидент во Тетово. „Ти рековме да си земеш преведувач кога доаѓаш во Тетово?!“ – со оваа националистичка провокација ѝ се обрати новинарот Невриј Адеми кон министерката за образование Весна Јаневска за време на промоцијата на реновираното училиште „Моша Пијаде“ вчера во Тетово, кога ја праша Јаневска дали при доаѓањето во Тетово, зела и преведувач од македонски на албански јазик, со очигледна намера да предизвика скандал. На тоа Јаневска рече дека не ѝ треба преведувач и оти не знае кому му треба преведувач во Македонија за македонски јазик. Ова го објави „Плус инфо“.

Во соопштението на Владата на Република Македонија се истакнува дека во насока на зачувување на достоинството на јавниот дискурс, унапредување на демократските вредности и заштита на интегритетот на институционалната комуникација, Владата чувствува обврска јавно да реагира на неодамнешниот настан кој отвори сериозни дилеми за почитувањето на основните принципи на професионално и етичко однесување во медиумскиот простор.

– Во таа насока, изразуваме сериозна загриженост и остра реакција на неодамнешниот настан на јавен медиумски настан, при кој новинарот Невриј Адеми, со очигледно несоодветен тон, непримерна реторика и недолично формулирано прашање се обрати кон министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Особено загрижува фактот што ваквиот непримерен однос не претставува изолиран инцидент, туку повторување на веќе забележано однесување кон истата носителка на јавна функција. Ова отвора сериозни прашања за почитувањето на основните професионални стандарди, етички норми и принципи на комуникација во јавниот простор – наведуваат од Владата.

Воедно, Владата јасно им укажува на сите носители на јавни функции дека од нив се очекува највисоко ниво на почит и коректност кон медиумите и новинарите. Но, исто така, со еднаква сериозност очекува и новинарите да возвратат со ист степен на професионализам, почит и одговорност. Почитта е и мора да остане двонасочна вредност во секое демократско општество, додаваат од Владата.

– Оттука, апелираме до Советот за етика во медиумите, Здружението на новинарите и Самостојниот синдикатот на новинари и медиумски работници, како релевантни организации, јавно и недвосмислено да го осудат ваквиот чин на однесување. Очекуваме нивна активна улога во зајакнување на професионалните стандарди, како и упатување јасен повик до сите медиумски работници за доследно почитување на етичките принципи, достоинството на личноста и културата на јавен дијалог – се вели во соопштението.
Ваквите ситуации, додаваат од Владата, кога јавната комуникација се одвива надвор од рамките на пристојноста и меѓусебната почит не смеат да останат без соодветна институционална реакција, имајќи ја предвид нивната поширока импликација врз квалитетот на јавниот дијалог и довербата во институциите.

– Како Влада изразуваме и искрена благодарност до сите новинари и медиуми кои со своите јавни реакции веќе јасно, принципиелно и недвосмислено го осудија ваквиот чин, демонстрирајќи високо ниво на професионална зрелост и посветеност кон етичките стандарди. Само преку заемна почит, одговорност и придржување кон високите професионални стандарди може да се гради здрав, демократски и кредибилен медиумски амбиент, кој ќе биде во служба на јавниот интерес – се нагласува во владината реакција.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, вчера во Тетово, за време на промоцијата на реновираното училиште „Моша Пијаде“ од новинарот беше прашања дали со себе зела преведувач.

– Си зема преведувач, министерке? и рече тој, по што Јаневска рече дека не зела. На тоа новинарот и одговори: „ти кажавме кога ќе дојдеш во Тетово да земеш преведувач“. 

Најнови вести од: Македонија

ВМРО ДПМНЕ: ЈО да ги провери наводите на Филипче за криминал од 37 милиони евра кај договорот за хеликоптерите, потпишан од Славјанка Петровска!

„Венко Филипче се огласи со сериозни јавни наводи во врска со набавката на хеликоптери и договорот што, според неговата изјава, бил потпишан од Славјанка Петровска. Филипче јавно изјави дека Петровска „потпишала за 37 милиони евра поскап договор за набавка на хеликоптери, откако комисијата донела друга одлука“. Ова се сериозни наводи кои не смеат да останат само на ниво на партиски пресметки.“ – нагласува ВМРО ДПМНЕ во својата реакција.

Манифестот на АСНОМ на ГШ на НОВ и ПОМ од 3.10.1943 – еден од најважните документи во македонската национална и политичка историја

„Македонски народе! Македонци и Македонки! Браќа и сестри на нашата поробена, ама никога непокорена татковина! Нашата млада војска, под славното знаме на Крушовската република, победоносно чекори и смело гази на кај исполнуењето на својата голема идеја – ослободуењето на Македонија. “  – стои во Манифестот на АСНОМ на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, кој му е упатен на македонскиот народ на денешен ден, на 3 октомври 1943 од борбените позиции кај селото Црвена Вода на Караорман планина, во историската Дебрца. Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ од 3 октомври 1943 година е првиот стратешки и програмски документ упатен директно до македонскиот народ во текот на Втората светска војна. По своето историско значење, тој се смета за рамноправен со Крушевскиот манифест од 1903 година, бидејќи ја постави цврстата платформа за идната македонска државност.

Еден од најголемите случаи во поновата историја на Македонија сѐ уште без одговор: кој стоел зад атентатот врз Глигоров на 3.10.1996?

Пред 31 години на 3 октомври беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, кој го преживеа со тешки повреди на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

Најнови вести

To top