Писмо од Егејска Македонија од 10.9.1862 против денешните грчки негирања: „Нашите луѓе во Ениџе Вардар го знаат нашиот мачедонски език!“ (2)
„Ќе ти пишувам почесто, ама не знам по бугарски, нашите луѓе овде не знаат бугарски. Нашите луѓе во Ениџе Вардар го знаат нашиот мачедонски език!““ – пишува во писмо, кој го испратил Македонец од Ениџе Вардар, од Егејска Македонија, на 10 септември 1862 година. Јазикот на Македонците во Егејскиот, или Беломорскиот дел на Македонија, не бил бугарскиот, туку македонскиот, или како што стои во оригиналот „мачедонски език“. Ова е многу убедлив доказ и изворно сведоштво, што ги побива сите досегашни и најнови грчки негирања и фалсификати дека „никогаш се говорел македонски јазик на грчката територија“. Но, исто така, и многубројните научни аргументи и докази на врвни светски лингвисти за посебноста на македонскиот јазик и неговата застапеност на сите делови на некогашна етнојазична, неподелена Македонија, претставуваат научен бедем, пред кој се уриваат и стануваат бесмислени досегашните и најновите грчки и сечии други шовинистички негирања на постоењето на мајчиниот јазик на македонскиот народ, но и неговото прикажување како наводна „вештачка творба“, како „измислен јазик“.