Ива Михајлова – кога зад маската на добрососедството ќе се појават сенките на бугарските тајни служби
Најновите тврдења за вмешаност на бугарските тајни служби во нејзиниот случај отвораат прашања, кои не смееме да ги премолчиме. Особено кога станува збор за држава која постојано ни држи лекции за човекови права, демократија, европски вредности и добрососедство. За наводните притисоци проговори самата Михајлова, во разговори што ги објави бугарскиот новинар и јутјубер Станислав Цанов.
Според нејзините тврдења, претставници на бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) ја условувале неопходната медицинска рехабилитација и правната помош со нејзино претходно гостување кај конкретен бугарски новинар, Мартин Карбовски. Притоа, како што раскажува, ѝ било кажано дека службата може да влијае и врз прашањата што ќе ѝ бидат поставени.
Замислете, државна безбедносна служба која, според овие обвинувања, не се занимава само со безбедноста на граѓаните, туку и со тоа кај кој новинар тие ќе гостуваат, што ќе бидат прашани и под какви услови ќе ја добијат ветената помош! Ако ова се потврди, тогаш веќе не зборуваме за обична политичка пропаганда, туку за можна злоупотреба на институциите за контролирање на јавниот наратив. Претставници на „Демократска Бугарија“ побараа расчистување на случајот и испитување на можната вмешаност на службите и политичките структури.
Тоа покажува дека и во Бугарија постојат политичари и новинари кои не се подготвени безрезервно да ги прифатат постапките на сопствените институции. Затоа критиката не смее да биде насочена кон бугарските граѓани, туку кон оние што можеби ја злоупотребуваат државната моќ за политички цели. Ива Михајлова е обвинета во Македонија за сообраќајна несреќа со смртни последици, во која животот го загуби 33-годишниот Бесим Дурмиши. И тука не смее да се заборави нешто многу важно: Постои загинат човек, постои семејство што бара правда и постои судска постапка која мора да заврши врз основа на докази, а не според националната припадност на обвинетата.
Нејзиното право да се изјаснува како Бугарка е неспорно. Но, исто толку неспорно е и правото на семејството на загинатиот да добие правична судска постапка. Ниту едно национално самоопределување не може да биде причина некој да биде прогонуван. Но, ниту едно национално самоопределување не може да биде основа за изземање од одговорност пред законот. И доколку се потврдат тврдењата дека претставници на бугарските служби влијаеле врз изборот на медиум, времето на гостување и прашањата што треба да ѝ бидат поставени, тогаш ќе мора сериозно да се испита дали целта била заштита на една граѓанка или обликување на политички корисен наратив за наводната загрозеност на правата на Бугарите во Македонија.
Бугарија и Македонија имаат потпишано Договор за пријателство, добрососедство и соработка. Но, договорите не се докажуваат само со потписи, протоколарни средби и дипломатски соопштенија. Тие се докажуваат со секојдневно однесување, со меѓусебна почит и со воздржување од политичка инструментализација на чувствителните прашања. Не може добрососедството да се проповеда во Брисел, а недовербата постојано да се потхранува преку политички и медиумски конфронтации.
Не може и не смее од Македонија постојано да се бара европска одговорност, а сериозните обвинувања против бугарските институции да се третираат како исклучиво внатрешна работа на Бугарија. И затоа сметам дека ова прашање има и поширока европска димензија. Ако безбедносна служба на земја членка на Европската Унија навистина условувала медицинска помош со контролирано медиумско настапување, зарем тоа не е прашање што заслужува внимание и од европските институции? Не очекувам Европската комисија да пресудува врз основа на една видеоснимка. Но, очекувам европските институции да покажат интерес за тоа дали постојат основи за сериозна повреда на основните права и дали националните механизми за контрола функционираат.
Македонија не треба да бара непријатели меѓу бугарските граѓани. Напротив, треба да ги препознае и поддржи сите оние во Бугарија што се залагаат за вистината, слободата на говорот и владеењето на правото. Но, Македонија има целосно право да бара од бугарските власти да престанат да ги претвораат билатералните несогласувања во средство за постојан политички притисок.Случајот со Ива Михајлова треба да се расчисти до крај. Не со нови политички обвинувања, туку со докази, институционални проверки и одговорност доколку се утврдат злоупотреби.
И ако се покаже дека зад наводната заштита на човековите права стоеле обиди за контролирање на медиумскиот наратив, тогаш Софија ќе мора да одговори на едно многу непријатно прашање: ДАЛИ ЦЕЛТА БИЛА ДА СЕ ЗАШТИТИ ЕДНА ГРАЃАНКА ИЛИ ПРЕКУ НЕЈЗИНИОТ СЛУЧАЈ ДА СЕ СОЗДАДЕ УШТЕ ЕДЕН ИНСТРУМЕНТ ЗА ПОЛИТИЧКИ ПРИТИСОК ВРЗ МАКЕДОНИЈА? Одговорот на тоа прашање ќе каже многу повеќе за вистинското добрососедство отколку десетици дипломатски декларации, пишува Јове Кекеновски во својатаколумна.