Според директорот на Униниверзитетската клиника за ендокринологија, проф. д-р Ирфан Ахмети, дијабетесот е хронична болест што добива пандемиски размери. Меѓународната федерација за дијабетес проценува дека 693 милиони луѓе во светот го имаат ова заболување, а речиси 43 отсто од нив не знаат дека се болни.
Ахмети предупреди дека околу половина од компликациите поврзани со дијабетес тип 2 веќе се присутни во моментот кога се поставува дијагнозата, што укажува на доцно откривање на болеста. Во Македонија, дијабетес имаат и 800 лица на возраст до 25 години, меѓу кои 350 деца.
По повод Светскиот ден на дијабетесот, кој се одбележува на 14 ноември, во Кавадарци на градскиот плоштад беа организирани бесплатни мерења на шеќерот во крвта.
Претседателката на Здружението на дијабетичари „Слатка насмевка“ од Кавадарци, Соња Ристовска, истакна дека годинешното мото на Меѓународната федерација за дијабетес е „Рано дејствување против дијабетесот“.
Таа посочи дека раното дејствување подразбира секое дете со дијабетес тип 1 да има пристап до редовна терапија, сензори и инсулински пумпи, за да може да има безбедно детство и да учествува во секојдневните активности. Истовремено, нагласи дека и возрасните над 25 години не треба да бидат запоставени или да имаат ограничен пристап до современите технологии поради возраста.
Ристовска порача дека сензорите за континуирано следење на гликемијата, инсулинските пумпи и современите терапии треба да бидат достапни за сите на кои им се потребни, а не само за мал број пациенти. Таа побара еднакви можности, системска поддршка и конкретни промени во здравствениот систем.