Со години, проблемот со крупниот добиток што се движи низ Крива Паланка се префрла од една на друга институција, додека граѓаните остануваат со истиот проблем.
На денешната вонредна седница на Советот на Општина Крива Паланка, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ посочи на документ кој отвора поинакво прашање: што е направено со надлежностите што самата Општина ги има утврдено?
Координаторот на советничката група, Александар Рангелов, ја посочи Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување на територијата на Општина Крива Паланка, донесена од Советот во 2023 година.
„Не станува збор за нов документ, ниту за нешто што допрва треба да се донесе. Оваа Одлука ја донел самиот Совет на Општина Крива Паланка во 2023 година и во неа се утврдени правилата за чување и држење стока во градското подрачје“, посочи Рангелов.
Тој укажа дека според член 316 од Одлуката, чувањето и држењето крупна и ситна стока е забрането во првата, втората, третата и четвртата градежна зона, додека член 320 предвидува дека чувањето поголем број грла стока и живина воопшто не е дозволено во градежниот опфат на градот.
„Ако имаме одлука со која е уредено што не смее да се прави во градското подрачје, тогаш имаме и обврска да видиме кој ја спроведува таа одлука. Не може со години да слушаме дека проблемот е кај некоја друга институција, а притоа да заборавиме дека Општината има сопствен акт и сопствени механизми за негово спроведување“, рече Рангелов.
Тој посочи и на членовите 388 и 390, со кои се предвидува дека надзорот над примената на Одлуката го вршат комуналните инспектори на Општината, кои при констатирано нарушување можат да утврдат состојба со записник и да донесат решение за отстранување на нарушувањето.
Според Рангелов, улогата на Општината не треба да се меша со надлежностите на Агенцијата за храна и ветеринарство, но токму затоа треба јасно да се знае кој за што е одговорен.
„АХВ има свои надлежности, Општината има свои. Никој не бара Општината да биде ветеринарна служба. Но, кога крупен добиток се движи и задржува на јавни површини во градот, прашањето за комуналниот ред не исчезнува. За него постои општинска одлука, а во Одлуката постои и механизам за постапување“, посочи Рангелов.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара проблемот да престане да биде предмет на меѓусебно префрлање на одговорност и институциите да започнат да ги применуваат надлежностите што веќе ги имаат.
Одлуката е донесена во 2023 година. Правилата постојат, но останува прашањето: Зошто со години не се применуваат?, прашува Рангелов.