Македонија

Ја тепал девојката, избегал од полициска станица – сега ќе одговара

Бидејќи смета дека ризиците и натаму постојат, јавниот обвинител со обвинителниот предлог побара од судот да ја продолжи мерката притвор

Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против 24-годишникот  кој на 10 ноември ја претепал својата 21-годишна девојка во семејниот дом во Битола.

Тој се товари за кривично дело – телесна повреда при вршење семејно насилство, според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинението, по вербална расправија, обвинетиот ја удирал девојката по лицето со тупаници и шамари, а потоа ја стегал за вратот и устата. Со тоа ѝ нанел телесна повреда, неколку нагмечувања и крвни подливи.

Во текот на постапката за прибирање докази, на обвинетиот му беше определен притвор поради опасност од бегство и можност да го повтори насилното однесување.

Обвинителството во образложението посочува дека ги имало предвид и информациите дека тој непосредно по настанот избегал од полициска станица и неколку дена не бил достапен. Бидејќи смета дека ризиците и натаму постојат, јавниот обвинител со обвинителниот предлог побара од судот да ја продолжи мерката притвор.

На вчерашниот протест против семејното насилство и фемицидите ,Бети Ангеловска, мајката на претепаната 21-годишна девојка изрази страв дека обвинетиот наскоро може да биде пуштен на слобода и праша кој ќе ја заштити нејзината ќерка.

Најнови вести од: Македонија

To top