Филип Здравески, сопственик на земјиште праша дали Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), како клиент на ЕБОР, дозволува на изведувачот „Гранит“ да започне со градежни активности на парцелите чии сопственици не постигнале спогодба со државниот орган.
Државата влегува на приватен имот без дозвола за да гради автопат, обвинија денеска сопственици на парцели кои се наоѓаат на трасата Скопје-Блаце, а кои излегоа на блокада.
Тие, како што пренесува телевизија Телма, имаат снимка од пред два дена кога камионите на изведувачот влегле на парцелата на Сашо Јанкуловски, а кога тој почнал да ги снима тие избегале.
„Ова е некој анархистички однос, права анархија. Мислам дека и во комунизмот вака не постапувале, воопшто ништо немаат платено, ниту пак имам потпишано спогодба. Сум ја одбил нормално за таква срамна, бедна цена“, вели Сашо Јанкуловски, сопственик на земјиште.
Педесетината сопственици на земја се револтирани и по втор пат се обидоа да ја блокираат Јадранска магистрала, но, како што велат, полицијата им се заканила со кривични пријави и парични казни.
Тие не се согласуваат со проценката на државата за квадрат земјоделско земјиште да им даде 20 евра, а за градежно тоа да биде 50 евра.
„Мислам дека се прави голема неправда, ми се зема половина од плацот каде што имам камиони песок и паркинг. Дури и автопатот ми поминува пред врата. Не е арно за сите нас. За да отворат пат натаму оштетуваат многу фирми“,
рече сопственикот на „Еуробетон“, Абдураман Мифтари.
Според Тони Кокуновски, сопственик на земјиште, требало да се одземат по десет метри од страна и булеварот да биде до кружниот тек од каде ќе се поминува кон Косово.
Жителите велат дека за оваа ситуација ја известиле и ЕБОР која го финансира проектот.
Тие обвинуваат дека вештакот што ја правел проценката нема лиценца, а е правена врз, како што велат, лажна документација.
„За вештакот и тимот како и за Бирото за процена е поднесена кривична пријава со оглед на тоа што Бирото за вештачење требало да излезе на терен и да направи увид на лице место. Ако има нешто пропуштено и не е ставено во проценката треба да биде внесено и тоа. Во оваа ситуација нема извршено контрола од внатрешните ревизори“,
рече Марина Вељановска, сопственик на земјиште.
Филип Здравески, сопственик на земјиште праша дали Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), како клиент на ЕБОР, дозволува на изведувачот „Гранит“ да започне со градежни активности на парцелите чии сопственици не постигнале спогодба со државниот орган.
„Истото прашање го поставуваме и до ЕБОР – дали го одобруваат влегувањето на ЈПДП во предвремено владение на приватен имот пред да се постигне спогодба по пазарна цена“, рече Здравески.
Од Јавното претпријатие, како што извести Телма, засега нема одговори.
Жителите велат дека нема да дозволат да се продолжи со работа се додека не разговараат со сите што се вклучени во проектот.
„Од тука па натаму одиме со протести на самата траса и нема ни милиметар да мрднат. Првата парцела што ја започнале, таму ќе им застанат багерите додека не дојдат сите. И банка од ЕБОР и Коце“, вели Станикевски.