Министерството за внатрешни работи соопшти дека вчера, на Денот на албанското знаме, биле евидентирани вкупно 13 инциденти поврзани со нарушување на јавниот ред и мир. Настаните се случиле на подрачјата што ги покриваат секторите во Скопје, Тетово, Охрид и Куманово.
Најголем број случаи – седум – се регистрирани во Скопје, главно на Бит Пазар и во населбата Ѓорче Петров. За четири лица се составени седум прекршочни записници. Меѓу нив има повреди поврзани со оштетување или отстранување на државни и заеднички симболи, недолично однесување и сообраќајни прекршоци. Двајца граѓани биле лишени од слобода, а против еден малолетник е поднесена кривична пријава поради безобѕирно управување со моторно возило.
Во Тетово полицијата забележала два случаи во кои малолетници користеле пиротехнички средства на градскиот плоштад. Регистриран е и инцидент со поставување албанско знаме на полициско возило. Органите сè уште ги документираат овие настани и ќе ги поднесат соодветните пријави.
Во Струга, во едно основно училиште, биле истакнати албански знамиња без македонското државно знаме. МВР најави прекршочна постапка против одговорното лице. Во Кичево, пак, на градскиот плоштад биле поставени повеќе знамиња на Република Албанија, за што е составен прекршочен записник.
Во Куманово, за време на автомобилско дефиле низ центарот, полицајците забележале две лица. Едното избегало, а другото било задржано. При преглед кај задржаното лице биле пронајдени пиштол „Црвена застава“ и рамка со пет куршуми. Лицето е лишено од слобода поради сомнение за недозволено поседување оружје.
Од МВР нагласуваат дека продолжуваат со расветлување и документирање на сите регистрирани настани. Вкупно тројца лица се лишени од слобода, поднесени се две кривични пријави и составени се десет прекршочни записници.