
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати пред професорите, лекторите, учесниците и гостите на отворањето на 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, којашто се одржува во Охрид.
Таа ја истакна улогата на Семинарот како духовен и научен дом на македонскиот јазик, чијашто мисија се втемелува во традицијата на Охридската книжевна школа и се надградува со современи методи и меѓународна соработка.
Сиљановска-Давкова посочи дека лекторатите по македонски јазик на странските универзитети, единаесет во моментов, треба да добијат континуирана институционална и финансиска поддршка, оти нивното работење е важен дел од националната стратегија за зачувување и афирмација на македонскиот јазичен и културен идентитет.
За неа, семинарот е престижно училиште од национално и интернационално значење, а учесниците се талентирани неимари кои вградуваат камен во тврдината на македонистиката.
Во својство на покровителка, претседателката изрази почит кон сите досегашни директори и организатори на Семинарот и ја прогласи за отворена 58. Летна школа, посакувајќи успешна работа на сите учесници, предавачи и лектори, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Во продолжение интегралниот текст од обраќањето на претседателката:
Почитувани учесници, драги гости,
Годинава, големиот јубилеј „80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик“ се одбележува со низа важни настани. Уште еднаш се потврди Блажевата дума дека македонскиот јазик за нас, Македонците, е нашата и неговата една и единствена татковина.
Вие, 60 македонисти од 17 држави, под кровот на куќата на 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, станавте нашите јазични содружници и сограѓани.
Ако семинарот е македонски јазичен дом, вие сте негови ценети жители. Ако летната школа прерасна во престижно училиште од национално, но и интернационално академско значење за македонскиот јазик, идентитет и култура, тогаш, вие сте талентирани неимари што вградија камен во тврдината на македонистиката.
Во македонистите препознавам вредни јазични пчели, собрани околу Меѓународниот семинар за македонски јазик како матица, а 11 лекторати по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети во светот, за мене се здрави јазични кошници што создаваат квалитетен и вкусен македонски јазичен мед, со потекло од медената земја на Атиџе од истоимениот филм.
Семинарот е продолжувач на една грандиозна мисија на Охридската книжевна школа на Свети Климент Охридски на Плаошник, потомок на значајниот средновековен просветен, образовен, научен, културен и духовен центар, дограден, доградуван и надградуван над цврстите јазични темели, удрени од сесловенските браќа, Светите Кирил и Методиј.
Сведоци сме на континуиран развој и раст на македонистиката, којашто се разлиста, расцвета и роди вкусни јазични плодови, еволуира македонскиот јазик, не само како службен јазик, туку и јазик на којшто се напишани илјадници прекрасни книги и песни, одбранети дузина магистратури и докторати, одржани безброј предавања и беседи, што се помнат.
Не смееме да заборавиме дека нивниот јазичен корен датира од средновековната писменост и култура на епохалните мисионери и учители, Светите Кирил и Методиј, чии најталентирани ученици, Климент и Наум го изградиле првиот европски универзитет — Охридската книжевна школа.
Бурниот јазичен живот го продлабочиле и продолжиле генерации и генерации македонисти и филолози, отелотворувајќи се себеси во раскрилената и богата македонистика, ним им се придружиле многу јазични добронамерници и добромисленици, личности со кои се гордееме, чии врвици и патеки ги разодуваме и доодуваме, водени од насушната и непресушна жед за знаење, наука, просвета, интелектуална и духовна просветеност и просветленост.
Почитувани,
Драгоцени се придобивките од борбата за писменоста, ортографијата и филологијата, посеани и негувани и згрижени од татковците – основачи на македонската преродба: Мисирков, Миладиновци, Рацин, Конески, плејада идеолози, мислители и дејци – македонисти, ценети творци на македонистиката како филолошка и културолошка наука.
Респектабилна е плејадата македонисти кои ја зародија, породија и одгледаа македонистичката идеја за кодификација на македонскиот јазик, кои, низ историјата, со перо и мисла како убиствени куршуми против лагата и силата, се бореа за признавање на реалноста на македонскиот идентитет и државност, со сите историски, културни, политички и правни атрибути, посегајќи по вообичаените институционални методи и механизми, како што е кодификацијата на македонскиот јазик.
Во и со тој дух, во втората половина на 20 век, еминентни македонисти како великанот Блаже Конески, но и многу други негови истомисленици и содружници го поттикнуваа отворањето на Меѓунардниот семинар за изучување на македонскиот јазик, литература и култура.
Историски е моментот кога во далечната 1967 година, истакнати македонисти, лингвисти и филолози, предложиле и го основале Меѓународниот семинар, оживотворувајќи ја со децении развиваната и промовирана голема идеја, за мене, за филолошка и културолошка наука за македонскиот јазик, литература и култура. Во својата зрела, животна есенска доба, Семинарот наликува на густо и цврсто плетена македонистичка мрежа во период од речиси шест децении.
Иако сме континентална држава, опкружени сме со мориња, со океан од македонисти, за мене јазични рибари и морнари, познати како семинаристи, чиј број порасна на 4000, кои доаѓаат од 60 земји од светот, кои учествувале на престижните летни и зимски школи, како и на бројни меѓународни научни конференции во текот на речиси половина век.
Чест ми е да учествувам во уште едно отворање на тешките и древни охридски порти на македонистиката, налик на Рациновите „високи шимшир порти“ оти за нас, Македонците и ние Македонците, „куќа цел свет братски“ ни е.
Македонската жена, Големата македонска прамајка е потпората на македонистичката „куќа“, налик на охридските, доволно пространа да го збере огромниот сиот македонистички свет, којшто со љубов и посветеност го изучува и учи и научува македонскиот јазик, како филигран и бисер на македонската книжевност и култура.
Почитувани организатори, организаторки, учесници и гости,
Не случајно сум туку, меѓу вас. За мене, Меѓународниот семинар имаше, има и ќе има огромна национална и интернационална високообразовна, научна и културно-дипломатска дејност, којашто се шири и афирмира преку лекторатите, 11 во моментов на сите странски универзитети. За мене тие се како цркви на македонистиката, но и успешни културни амбасади, со вас како македонски почесни конзули и pro bono амабасадори.
Јасно ми е не само мене, туку и вам и на сите, а верувам и на одговорните, дека на лекторатите им е потребна континуирана поддршка, добри услови за работа и меѓународна афирмација.
Законот за македонски јазик е, по мене, добра правна рамка за оваа цел. Но, нужна е национална стратегија, стабилна институционална структура, функционална политика, но и адекватна финансиска помош за одржување, развој и зголемување на бројот на лекторатите во светот, по примерот на двата нови лекторати, во Неапол, Италија и Нитра во Словачка. Да се множат!
Им изразувам должна почит на сите досегашни директорки и директори на Семинарот не само за неговото одржување во живот, туку и за духовно богатиот македонистички живот и неговата доживеана долговечност, а се молам и за неговата вечност!
Исто така, честитки и поддршка на ректорката за нејзината поддршка на овој семинар, но и благодарност за сите претходни ректорати, ректори за големата идеја. На крајот, се разбира, честитки и поддршка за креативниот ангажман на директорката на Меѓународниот семинар, професорката д-р Кристина Николовска, која заедно со Советот на Семинарот, поттикна и воведе квалитетни иновации, збогатувајќи ја програмата со нови содржини, како што е, веќе споменатата, амбиентална перипатетичка настава, наречена „По стапките на Свети Климента“ којашто се одвива автентично — во срцето на стариот град Охрид, како академија, што почнува од изворите на сесловенката писменост и култура, односно од култниот археолошки и манастирски комплекс Плаошник и потоа „тече“ и „врви“ и се „движи“ како научен и културен крвоток низ охридските сокаци, вгнездувајќи се за миг во неброените знаменитости и „трезори“.
Особено ме радува фактот, што годинава, како и лани, се афирмираа националната историја и етнологијата како научни дисциплини од посебен интерес. Во земја во која секоја педа е историја и артефакт, има неизмерна и неисцрпна количина на граѓа за проучување.
Очекувам морето или океанот или космосот на македонистиката да продолжи да расте, да се бранува, да се крева до облаци и спушта до езерското дно.
Посакувам интелектуални бури во него, како веќе најавената Меѓународна научна конференција на 29 и 30 август во Охрид, посветена на 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик – зборувам за правната кодификација, оти нејзе и претходела кодификацијата на Крсте Петков Мисирков, како и на неколкуте буревесници на македонската книжевност и култура.
Најпочитувани, почитувани македонисти, семинаристи на оваа 58. Летна школа, почитувани организатори, предавачи, истражувачи, лектори – продолжете да се грижите за ендемското, автохтоно „семе“ на македонистиката, што го посеавте и го сеете ширум светот. Во вас препознавам извонредни истражувачи, проучувачи, посветени академски граѓани, но и преведувачи, толкувачи и љубители на македонскиот јазик, македонистиката и македонската култура, но што е најважно, добри луѓе, со bona fide мисија.
На оваа древна традиција, на ова старо и скапоцено културно тло, на ова, како што веќе се нарече, пратло на цивилизациите и на Европа, очекувам да отвориме нови и пошироки хоризонти на дијалог меѓу цивилизациите, културите и јазиците, очекувам да изградите нови мостови на соработка и дијалог, добрососедство и космполитизам, да промовирате и стимулирате културен, наместо воен натпревар меѓу народите. Посакувам и повикувам на итен крај на конфликтите и човековите трагедии, без оглед на припадноста од кој било вид. Можеби сум наивна, но сеуште верувам во хуманизмот. Верувам во мир со природата, верувам во мир меѓу државите, нациите и луѓето, заснован врз вредности и принципи. Таквиот мир за мене нема алтернатива. Мора да се избориме за Кантовиот траен мир, ако сакаме да се очовечиме, зошто се расчовечивме.
Охрид, како симбол и лулка на убавината, писменоста, хуманизмот и уметноста е вистинско место за просветување и просветлување и за мирно описменување.
Нека Летнава школа биде пријателски подиум за научна и академска борба, за дебата.
Во македонистите од целиот свет гледам мировни и културни гласници.
Засадете цвеќиња на доброто, наместо на злото во плодната охридска, македонистичка градина, копнена, но и подводна.
Знам дека на секој од вас јазикот му е татковина, а таа, татковината не се менува, како што со право вели Бернард Шо.
Знам и разбирам дека вам, вашиот јазик ви е најубавиот, најмилозвучниот, како што мене ми е мојот, македонскиот!
Не случајно, премудриот Свети Климент Охридски за првоучителот Кирил Филозоф, рече дека: „Еве, ни светна, христољупци, светлозрачниот спомен на нашиот преблажен отец Кирил, нов апостол и учител на сите земји, којшто огреа на земјата како сонце со вистинска вера и убавина, како сонце на трисушното божество, осветлувајќи го сиот свет“, осветлувајќи го со букви и слово, со генијална филологија и духовна светлина што им вдахнува живот на милиони говорници на сесловенската и македонска писменост и култура.
Не случајно, поетот Анте Поповски напиша:
„Се враќам таму.
Пределот е невин,
без допир, а птицата само го надлетува.
Раскопувам и барам. Коска в коски.
Збор во зборот.
Слушам: не барај ги нив!
Барај го она што го бараа тие.“
Сите ние, верувам дека копнееме, го бараме и сонуваме за „она што го бараа тие“, нашите праучители, налик на идејата за белите Рацинови мугри, трагајќи по вистинскиот пат на науката и вредностите што македонистиката и раскошниот македонски јазик може да ни ги откријат овде…на езерото, на прекрасното Охридско Езеро, во мојот роден град – Охрид!
Во својство на покровителка, чест ми е да ја прогласам за отворена 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и да ви посакам успешна работа, вам на семинаристите, на предавачите, на лекторите, на сите учесници.
Благодарам.